Веќе два – три дена секое ќоше од плоштадот позади ТЦ „Бисер“ во Аеродром е пополнето со некој продавач на цвеќе. Тоа е разбирливо – денеска се одбележува Меѓународниот ден на жената – 8 Март. Разните бои на миризливите цвеќиња ќе го разубавуваат празничниот ден на македонската жена. Ќе добијат внимание, ќе им се ласка, ќе…
А како е останатите денови?
Ова прашање се поставува секоја година на денешен ден и скоро секогаш одговорот е сличен – иако има напредок, сепак жените се уште не се рамноправни со мажите.
Зарем има потреба да се посочуваат статистички податоци од разни области во општественото живеење дека е така? Па само погледнете колкав е бројот на жени на раководни позиции во државните институции.
И што во овој правец до сега е подобрено?
На секој 8-март и Владата и Парламентот ќе излезат со разни бомбастични конференции и ветувања дека родовата еднаквост е нивен приоритет и толку. Од утредента се по старо. Инаку, токму во Владата и Собранието се гледа каков е соодносот на маж и жена.
На празникот ќе излезат и разни партиски и невладини организации на жените и ќе „згрмат“ неколку решителни зборови во одбрана на правата на понежниот пол, ама повеќето веќе попладнето ќе застанат позади лидерите на своите партии и ќе тераат „машка политика“.
Да, да. За целосна родова еднаквост во Македонија треба да се менуваат работите и свеста пред се кај мажите, ама и кај жените кои се нафатиле да бидат борци за еднаков свет.
Со еден цвет даден на празник не се завршува таа работа.
Жените се цветот на нашето општество, само треба да им се остави простор да ни го разубават и подобрат живеењето.
Антонио С.