Во кој правец оди предизборието: Државничка кампања или детски подметнувања?

Сите партии ветуваа фер, демократска и аргументирана изборна кампања. Ама ако се гледа од сегашното предизборие… изгледа многу малку од тоа ќе видиме.

Почнаа партиите ептен со сите средства да се служат само за да го дисквалификуваат политичкиот противник. Па така, македонската јавност веќе два дена е сведок на меѓупартиската пресметка меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ околу објавените фотографии и средби на бугарски европратеник (негатор на македонството) со македонски политичари. Пресметката и обвинувањата ги започна владеачкиот СДСМ кој прв објави фотографијата на Гордана Силјановска – Давкова, претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ со Бугаринот.

Гордана Силјановска Давкова, претседателскиот кандидат на ДПМНЕ застана зад изјавите на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев против Македонија, АСНОМ, Миладинови, против македонската култура… со ДПМНЕ и Силјановска не е е можна никаква позитивна промена туку само полошо, потенцираа од СДСМ.

На ова веднаш одговорија од ВМРО-ДПМНЕ укажувајќи дека се работи за стара фотографија од пред пет години и дека СДСМ шири лажни вести.

СДС се фатени живи како шират лажни вести, фотографијата која што ја лиферуваа на Гордана Силјановска со Андреј Ковачев е стара најмалку 5 години, и е настаната при случајна средба на еден од заедничките европски настани. Да потсетиме таа е од времето кога Бојко Борисов беше брат на лидерот на СДС Зоран Заев, а од страна на Стево Пендаровски беше поздравуван со љубави…, беше кажано во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

И по ова СДСМ реши да продолжи понатаму со својата кампања и со објавување нова фотографија.

-Не е само Гордана Силјановска, горд на слика со бугарскиот европратеник Андреј Ковачев е и Христијан МицкоскиАндреј Ковачев е познат негатор на македонскиот народ. Јавно порачуваше дека Гоце Делчев е Бугарин, дека Браќата Миладиновци напишаале бугарски народни песни, а не Зборник, дека историјата ни е фалсификувана. Што има заедничко Мицкоски со Ковачев?, истакна вчера од СДСМ.

И на ова следуваше одговор од најголемата опозициска партија. ВМРО-ДПМНЕ им порача дека СДСМ си даде автогол.

СДС зацапа во кал. Кога веќе сакаат да го анализираат Андреј Ковачев, бугарскиот европарламентарец и негатор на македонскиот идентитет, еве им тонч. Андреј Ковачев во Софија и Брисел ја користеше изјавата на Пендаровски како клучен доказ и поткрепа на неговата реторика дека Гоце Делчев е БугаринСо оваа бесрамна изјава Пендаровски им даде ветар во грб на негаторските кругови во Софија и тоа е една од неговите најголеми стратешки грешки. Едноставно Пендаровски му ги исполни влажните соништа на Андреј Ковачев и луѓето како него. Второ, да биде поголем автоголот на СДС, истиот нивни пријател Андреј Ковачев го издвојува ВМРО-ДПМНЕ како најголема пречка на неговата негаторска и ревизионистичка политика. Трето и најскандалозно, Стево Пендаровски со гордост се фалеше дека добивал политичка поддршка од еден лик како Андреј Ковачев, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Ќе има ли ново продолжение од СДСМ ќе видиме наскоро, можеби за неколку часа…, сега стана вообиќаено соопштенија да се штанцаат масовно.

А се прашуваат ли партиите кон што водат ваквите соопштенија? Потребна ли е волкава наелектризираност, а уште е далеку кампањата? А добро ли е да се дава толку простор на работи кажани од еден голем негатор на македонството само за да пропратно се удри по политичкиот противник?

А зошто на партиите не им е главна тема во предизборието – економијата, социјалата, образованието… па што сработиле во овие области, па што планираат да прават во иднина?

Кампањата треба да биде државнички чин, а не детски размени на досетки и фотографии.

Претходна вестАпасиев: Независните кандидати за локалните избори наместо 1.000 ќе треба да собираат над 4.600 потписи
Следна вестСакал со 50 евра да поткупи службеник на Блаце: Приведен 45-годишен жител на Косово