Апасиев: Независните кандидати за локалните избори наместо 1.000 ќе треба да собираат над 4.600 потписи

Со вчерашните измени во Изборниот законик значително е зголемен бројот на потребните граѓански потписи за независните кандидати. Вакво укажување синоќа на својот профил на социјална мрежа го објави лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев.

-Драги “НЕЗАВИСНИ” (граѓански листи / група граѓани). Денес, на итна собраниска седница, широката коалиција СДС-ДПМНЕ-ДУИ го измени Изборниот законик. Па така, наместо досегашните 1.000 потписи за Градоначалник или советничка листа во Град Скопје, сега ќе треба да соберете над 4.600! Демократски, нема шо, напиша тој во својата објава.

Собранието синоќа на 147. седница без расправа го изгласа Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, чија цел, како што претходно образложи пратеникот Мартин Костовски, е „да се допрецизира постојната правна рамка и да се доуредат одредбите од постојното законско решение во насока на инклузивен изборен процес за сите учесници на изборите“.

Во наведените измени во соопштението до јавноста не се спомнува менување на условите за кандидирање независни листи за советници и за градоначалници.

Меѓу другото, се допрецизираат одредбите во однос на регистрацијата на гласачите со цел сите гласачи кои ги исполнуваат условите да бидат запишани во избирачките списоци, со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација, како и со разјаснување на процедурите за вклучување во избирачките списоци на лицата кои ќе наполнат 18 години помеѓу двата изборни круга.

Со преодната одредба на законот се уредува правото избирачите да може да гласаат со лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите.

Претходна вестЖените се цветот на нашето општество, само треба да им се остави простор да ни го разубават и подобрат живеењето
Следна вестВо кој правец оди предизборието: Државничка кампања или детски подметнувања?