Турција дозволи екстрадиција на Љупчо Палевски, соопшти денеска министерот за правда Кренар Лога. Во објавата на неговиот профил на Фејсбук тој наведе дека за тоа е добиено официјално известување.
-Ве информирам дека денес со официјална информација од Република Турција добивме одобрение за екстрадиција на лицето Љупчо Палевски. Позитивниот исход на постапката произлегува после сите максимално преземени мерки и активности од делокругот на надлежности на Министерството за правда, објави министерот.
Љупчо Палевски е осомничен за двете убиства на Вања Ѓорчевска и Панчо Жежовски, а во бегство е од крајот на ноември. Убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска беше извршено по нејзино грабнување додека одела во школо. Таа беше ликвидирана во близина на Скопје.
За убиствата се осомничени уште 4 лица меѓу кои и таткото на убиената Вања, кој минатата недела беше пуштен во домашен притвор.