Првиот човек на американската морнарица Џон Филан ја напушти администрацијата на претседателот Доналд Трамп, соопшти Пентагон. Ова е најновото заминување на висок безбедносен функционер, откако претходно овој месец беше сменет началникот на Генералштабот на копнената војска, а во март оставка поднесе и шефот на антитероризмот.
„Му благодариме на секретарот Филан за неговата служба во Министерството за одбрана и американската морнарица. Му посакуваме сè најдобро во понатамошната кариера“, изјави портпаролот Шон Парнел.
Заменик-секретарот Хунг Као ќе ја преземе функцијата вршител на должност секретар на морнарицата.
Џон Филан е бизнисмен кој на функцијата дојде без претходно воено искуство. Трамп го најави Филан за оваа позиција во ноември 2024 година, оценувајќи дека ќе биде силен лидер за американската морнарица и дека ќе ја спроведува неговата визија „Америка на прво место“.




