Американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во текот на ноќта одржале „долг и драматичен“ телефонски разговор, кој според израелските медиуми претставува нивен втор контакт за само неколку дена.
Според израелскиот „Канал 12“, разговорот се случил во чувствителен момент кога, како што се наведува, двајцата лидери се наоѓаат „на прагот на одлука“ во врска со ескалацијата на ситуацијата со Иран.
Иако не се објавени официјални детали за содржината на разговорот, медиумот го опишува како интензивен и клучен во контекст на актуелните геополитички тензии.
Ниту Белата куќа, ниту кабинетот на Нетанјаху засега не излегоа со официјално соопштение.
Во неделата, двајцата лидери веќе разговарале во повик кој траел повеќе од 30 минути и бил фокусиран на можни сценарија поврзани со Иран.
По тој разговор, Трамп предупреди дека „часовникот отчукува“ за Иран, што дополнително ги засили шпекулациите за можно заострување на односите.
Според медиумските извештаи, Трамп во понеделникот изјавил дека го одложил планираниот напад против Иран по барање на неколку регионални сојузници, но истовремено нагласил дека американските воени сили остануваат во целосна готовност.
Во исто време, се споменуваат и нови ограничувања и тензии околу поморските рути и Ормускиот Теснец, што дополнително ја зголемува неизвесноста околу развојот на ситуацијата во регионот.