Потребно е стручно и целисходно водење на сите реформи на образованието во нашата држава, а реформите треба да обезбедат систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја, се потенцира во денешното обраќање на Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите.
Ставовите ги пренесуваме во целост:
Имајќи ги предвид седумнаесетте цели на одржлив развој (ОН, Агенда 2030), посебно целите:
Цел 1. Да се стави крај на сиромаштијата во сите нејзини форми насекаде;
Цел 4. Да се обезбеди инклузивно и правично квалитетно образование и промовирање на можностите за доживотно учење за сите;
Цел 8. Да се промовира континуиран (на подолг период и без прекин) инклузивен и одржлив економски раст, целосно и продуктивно вработување и пристојна работа за сите.
Потсетувајќи дека глобалните реформи на образованието во светот во последните десетина години се карактеризираат со:
– стандардизација на образовните системи и ставање акцент врз критериумите со коишто се мерат резултатите и успехот во образованието, при што критериумите за отчетност се базираат врз тестови, што е тесно поврзано со наградувањето и казнувањето на наставниците и училиштата;
-поттикнување на државите да се фокусираат кон наставните програми за математика, природни и технички науки, и кон основна писменост, за сметка на пошироките форми на либерални уметности и прогресивните форми на наставни програми, реализација на наставата и учењето;
-трансформација на образованиот систем заснован врз менаџерски модели увезени од бизнис-секторот, при што моделите се водени од пазарните пристапи кои го привилегираат
-максимизирањето на ефикасноста, профитот и конкуренцијата, наспроти целите кои го промовираат човековиот развој и зајакнувањето на демократските општествени односи;
Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите се залага за транспарентно, стручно и целисходно водење на сите реформи на образованието во нашата држава и, притоа, потенцира дека реформите треба да обезбедат:
– систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја, укажувајќи на научниот факт дека македонскиот народ зборува на македонски јазик, веќе со векови, на територијата на нашата држава и надвор од неа;
-динамична рамнотежа меѓу математиката, природните и техничките науки, од една страна, и општествените и хуманистичките науки, вклучувајќи ги етиката и моралните вредности, од друга страна;
-континуиран (на подолг период и без прекин) инклузивен и одржлив економски раст на Македонија.