Никој не побарал хеликоптер ниту, пак, се јавил во подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување за да се спаси премрзнатиот жител од кратовското село Емирица кој неколку ден потоа почина.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, на денешната прес-конференција рече дека има пропусти, но не индивидуална одговорност, туку системски слабости, Тој денеска ги презентираше сознанијата на Комисијата за овој случај и најави дека дисциплинска комисија ќе ја утврдува одговорноста врз основа на извештајот.
Според д-р Стевко Стефковски, раководител на Секторот за аналитика во ЦУК и раководител на комисијата што го испитуваше случајот, првиот пропуст што е идентификуван на локално ниво е дека не е известено подрачното одделение на ДЗС во Кратово – знаејќи дека основното средство што се бара е теренско возило и имале информација дека подрачното одделение не располага со теренско возило, не направиле службено известување и не побарале асистенција од подрачното одделение на ДЗС во Кратово.
Следниот пропуст е што не се побарани дополнителни ресурси од другите субјекти во системот за управување со кризи, како што е Армијата.
Љупчо Крстевски, самостоен референт во Републичкиот центар за управување во Кратово, оперативецот кај кого прво доаѓа информацијата дека на лице му е потребна итна медицинска помош во случајот кај село Емирица и Тони Ивановски советник и в.д. раководител во ЦУК во Кратово, на денешната прес-конференција тврдеа дека никој од нив не се прогласил за ненадлежен и оти ниту еднаш не бил побаран хеликоптер, туку само теренско возило.
По една недела во кома, на 6 април почина 63-годишниот Златко Божиновски, жител на кратовското село Емирица, кој пет часа бил носен на раце низ тешко прооден планински терен за да се спаси неговиот живот. Тој беше пронајден во тешка здравствена состојба, откако 12 часа лежел на снег во близина на домот, имал мозочно крвавење. Голготата за спасувањето, на социјалните мрежи ја обелодени лекарот од Итната медицинска помош.