„Голем формат II“ е насловена изложбата oд колекцијата на Музејот на современата уметност Скопје, што од денеска е отворена за љубителите на уметноста, а така ќе остане до почетокот на јуни.
Голем формат II е изложба на дела од колекцијата, од македонски и странски автори, која се однесува на односот на уметничкото дело во релација со архитектонскиот простор и набљудувачот. Ќе бидат претставени трудови од 9 автори во голем формат (слики, инсталации и скулптури) кои ги селектираше кустосот Благоја Варошанец. Во еден дел од галеријата ќе бидат изложени и дела од Могенс Андерсен, Елизабета Аврамовска, Жанета Вангели, Бернхард Гарберт, Рене Дивије, Исмет Рамиќевиќ, Петар Хаџи Бошков, Анџело Титонел и Симон Шемов.
-Форматот се однесува на големината на објектот во однос на друг објект, и не ретко може да биде еден од принципите на организација на визуелните и структурните елементи во уметноста. Форматот во уметноста не се однесува само на големината на уметничкото дело, туку е релационен принцип за односот кон предметите или односот кон човечкото тело. Релациската естетика стои во основата на уметничко дело, а корпореалноста или просторната компонента може да се сметаат како мерки кои го дефинираат или се во сооднос со големината или перцепцијата на делото, вели Варошанец.