Зошто Шилегов молчи за обвинувањата дека субвенции за инвертер клими се делеле по партиски клуч?

Втор ден скопскиот градоначалник Петре Шилегов, молчи по обвинувањата од советниците на ВМРО ДПМНЕ дека се делеле субвенции за инвертер клими по партиски клуч. Опозициските советници направиле увид во дел од канцелариите каде се обработуваат пристигнатите апликации со кои скопјани барале субвенции, и како што тврдат, затекнале хаос и безредие. Побараа надлежните институции веднаш да реагираат. Аргументираа и зошто се сомневаат дека инвертерите не завршуваат по принципот „прв дојден прв услужен“:

-Од увидот што го направи Советничката група во документацијата на делени субвенции, но и од дојави од граѓани видовме дека се делени субвенции на жители во строгиот центар на градот на улица Македонија, Народен фронт, Никола Кљусев и околните улици, иако тоа се улици и региони каде жителите користат парно греење, а не греење на дрва, а запоставени се жители од Ѓорче Петров, Драчево, Лисиче и други делови на Скопје, каде жителите користат греење на дрва. Субвенции за инвертер клими се делени и врз база на некомплетна документација. Го прашуваме Шилегов зошто на одредени граѓани им се барани потврди од БЕГ, а на други изјави на Нотар дека не се приклучени на мрежата на БЕГ? Кој се дрзнал да го заобиколува законот? Имаме сомнение дека не е постапено и согласно Законот за заштита на лични податоци и зошто досега на ниту еден апликант не му е побарана да даде изјава за согласност за обработка на лични податоци, прашуваат советниците од ВМРО ДПМНЕ.

Еве тече и вториот ден, а Шилегов нема одговор дали е ова вистина и ако не е да извади аргументи со кои ќе го докаже спротивното.

-Дури и да го сметаш ова за лажна вест, не може да не објасниш ништо градоначалнику! Јас не добив субвенции, од Ново Лисиче сум, имамe пратено комплетна документација и ми рекоа дека пред мене има што успеале да бидат побрзи. Зошто сега после ваквите обвинувања да им верувам?, пишува Стојан К. во електронската пошта на „Скопско ехо“ замолувајќи не да му го пренесеме јавно прашањето.

Ќе излезе ли можеби денеска Шилегов со соодветен одговор и објаснување?

Претходна вестУште еден закон под амандманска блокада – власта и опозицијата со различни објаснувања
Следна вестИзложбата на домашни и странски автори „Голем формат II” во Музеј на современа уметност