Колумна на Владимир Величковски:
По утрото, сиво и облачно, се познава денот, а по нијансите на црното иднината. Во луѓето (се поосамени) се вселила горчина и тага, бес како одење „по работ“, а тое не е ниту „Лет во место“ (Горан). Живи изгореа толку луѓе (не слушнавме за одговорност), се прогласи јавно три дена жалост, но болката е во душата на најблиските. Партиите се веќе разголени, но останува превезот на извесна недореченост. Важни се интересите на коалицијата, а другите пак не смогнаа сили ниту доблест за заедничко дејствување и во најтешките моменти. Недоверба и сомнеж кај луѓето, а беспоштедна борба за власт кај партиите што остава хаос и несигурност зад себе, вистинско безумие. Што друго значи смена на министер за здравство во време на здравствена пандемија. Некои (бивши амбасадори и упорните „аналитичари“) пишуваат за глупавоста, но само за оние од спротивната страна, но не и за нивната партиска. Не ни се потребни Фројд, Маркс или Ајнштајн, за да видиме дека глупавоста е наша сепартиска. Стоп за корупцијата, ќе викне некој глупав идеалист кој заборава дека најдобро ќе се справат оние кои ја практикуваат. Некои, порано, некому му се закануваа со анџар-правдата на Ќосето, а денес со посуптилни начини на притисок. Можеби требаше, симболично, да се постави уште една фигура на другата страна на судската палата!? Моќните се интересираат за земјава геостратешки, како и за кризните и девијантни појави, за проучување и надгледување. Станавме сила за (по)надвор, а дома царува безаконие и насилство: коалициски уцени и дивеење кое не познава граници. Отвораат телефонски врски за обичните луѓе, но без врска во апсурден систем на неодговорност. Кој кого штити? Луѓето се исплашени и осамени, без ориентација. Што работи комисијата на историчари за преговори?
Се гради без контрола, грдо и комерцијално: уништија бавчи и зелени површини, а предлагаат (рекламно) нови мега-паркови, но каде? Можеби во приградски населби, но и таму се гради. Подобро да заборавиме (за сега) на бесплатен градски превоз и на нови еко-автобуси (кој тоа ќе го плати?) затоа што и двокатните (кинески) автобуси се раскантани и ги уништуваат толку очигледно. Чистиот излетнички Сарај не постои, остана во меморијата. Не го враќаат партиите (кои го уништија) а најмалку новокомпонираните екологисти. Трчањето по Запад на уметниците доби форма на правење бесмислени „проекти“ за добивање грантови, но под услови на моќните центри. Во ресорот култура не знаат што е квалитетен проект, незаинтересирани за творештвото: слушнавме, не критички туку дневен партиски пригоден говор за чинот на отворањето на изложбата ДЛУМ – 75 години постоење, а Друштвото одамна е во криза, на маргините. Во време на „лошиот“ социјализам функционерите (од интерес) ги посетуваа изложбите.
Во секој дел од Скопје има траги на деструкција, негрижа за градот, во голем дел од минатите „владетели“. Такви архитектонско-урбанистички „решенија“ може да се забележат и во просторот меѓу Аеродром и Автокоманда. За несреќниот „монументализам“ и за образованието да не зборуваме. На „Илинденска“ поставиле повеќе пластични канти за ѓубре и и тие почнале да ги кршат, а ѓубрето да го фрлаат во околината. Децата ги втурнавме во суров (поделен) живот, без лажни ветувања за иднината. Изолирани сме: Има ли, барем, едне вагон за Европа?