Ако се намалуваат возните линии, се намалува ли и бројот на директори во железницата?

Железничкиот сообраќај во Македонија се враќа еден век назад. А требаше (и плус ни ветуваа властите) дека ќе оди еден век понапред.

Од вчера од Скопје кон Битола ќе има само едно поаѓање на воз во 14.30 часот, исто како и од Битола, но во 03.13 часот. Сообраќаат само уште нешто возови меѓу Скопје и Гевгелија… 

Зошто е дојдено до вакво тивко одумирање на македонскиот железнички сообраќај? Така ли прават и соседните земји и наивна ли е Србија која многу инвестира во брзи пруги и возови?

„Македонски железници“ имаат околу 900 вработени. Од она што се дознава натрупани се загуби кои се бројат во десетици милиони евра. Не ретко вработените штрајкуваат бидејќи им доцнат платите… Истовремено, за се помал број на употребливи возови има и се помалку работа, а пругите се веќе дотраени и по некои делници мора да се вози и по 20 километри на час за да не се излизгаат вагоните!

И така е со години. Има само „силни“ најави дека ќе се бара решение, дека ќе се прави реорганизација, дека ќе се прави физибилити студија која ќе покаже кој модел на јавно-приватно партнерство е најдобар, ЌЕ, ЌЕ…

А она што е посебна скандалозност е тоа што во меѓувреме на седумчлениот менаџерски тим им се исплаќаат мошне високи плати. Порталот А1он.мк во април објави дека во последните пет години, само за нето плати на директори, советници и членови на надзорен одбор, Железници АД Транспорт потрошиле 37.475.280 денари или 610.000 евра. Ако на ова се додадат и придонесите и додатоците, се доаѓа до сума од милион евра за плати на седум функционери, двајца советници и седум членови на Надзорен одбор. Со претпријатието, инаку, последните пет години раководеле кадри на албанските партии ДУИ, Алтернатива и БЕСА, објави порталот.

Е зошто намалувањето на возните линии не го следи и намалување на бројот на менаџерите? Чекаат ли да згаснат и последните возови за да згаснат и Македонски железници коишто неодамна прославија 150 години од железницата во Македонија?

Претходна вест„Историја на пчелите“ од Маја Лунде објавена на македонски јазик
Следна вестЗапочна копнената офанзива во Газа