Аквадуктот плачел гледајќи колку Охрид е посигурен откако Владата го штити

Ја поздравувам идејата за заштита, но сведоци сме дека во пракса премногу често “убавите одлуки“ и „заштити“ не значат и дека навистина „штитат“ освен како пишан збор на хартија. „Статусот“ на Охрид како „заштитен“ не го заштити од ништо, потенцира Буга Гурева

 Оштетени носечки столбови кои секој ден можат да паднат поради искорнати камења и напукнатост, и натаму се прво нешто што секој посетител ќе го види кога ќе дојде кај прастариот монумент – Аквадуктот. Штета, прекрасното историско наследство се распаѓа со години. А речиси нема година во која некој од надлежните во Македонија не ветува дека состојбата ќе се среди и вредниот споменик ќе се сочува.

Поради ова искуство и последната одлука на Владата со која Аквадуктот го стави под посебен третман и заштита и го прогласи за културно наследство од особено значење, се прима со недоверба. Впрочем, силни најави добиваше Аквадуктот и до сега. Последна голема најава беше кон крајот на 2018 година кога премиерот Зоран Заев, тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, скопскиот градоначалник Петре Шилегов и други најавија акција за целосна заштита и конзервација на Аквадуктот и создавање на еден пријатен амбиент со повеќе придружни рекреативни и културни содржини. Се предвидуваше конверзација, изградба на летна сцена, пристапни патишта, зеленило… 

И? Дали овој пат ќе биде поинаку? Скопјани се скептици и сметаат дека најавите имаат и предизборен шмек.

а обновата сметам дека кај нас се оди толку бавно што веројатно ќе треба да падне некој столб или лак па тогаш брзо брзо да изреагираат институциите. Во моментов ќе живеат на ловориките дека нешто најавиле. Демек го заштитиле Аквадуктот. А што чекаа до сега. Кој ги кочеше или спречуваше тоа да го направат години порано?, ни вели Зоран Таневски.

Прашање е и колку прогласувањето под заштита на Аквадуктот може да ја смени состојбата. И градот Охрид е заштитен како културно наследство од особено значење, ставен е на листа на УНЕСКО, па гледаме што таму се случува како урбанистичко довеење!

-Ја поздравувам идејата за заштита, но сведоци сме дека во пракса премногу често “убавите одлуки“ и „заштити“ не значат и дека навистина „штитат“ освен како пишан збор на хартија. „Статусот“ на Охрид како „заштитен“ не го заштити од ништо. Би сакале да сведочиме на активности „на терен“ кои би биле во согласност со напишаното на хартија , отколку напишаното да служи за потоа да се наоѓаат „дупки“ за „дефинирања“ до каде и што е заштитено, потенцира Буга Гурева.

Значи, ако и Аквадуктот доживее таква „заштита“ подобро е да не се ни носеше одлуката. Граѓаните на социјалните мрежи потенцираа дека беше потребно и да се заштити просторот околу споменикот за да тој набрзо не биде прогласен како „градежно земјиште“ од страна на општинските и градските власти туку да биде направен парк.

Заштитата ќе остане мртва буква на хартија

Лично мислам дека прогласувањето ќе остане мртва буква на хартија. Додека таму не стават управител и направат сериозни санации за да стане туристички објект по сите правила Аквадуктот ќе биде срам за нашата немоќ и неразбирање на тие кои за тоа носат одлуки, смета Гордана Јанакиевска, туристички работник.

Претходна вестЗошто за време на празникот, во среде пандемија, не се вакцинираше?
Следна вестОбјавен е репертоарот за мај на Театарот за деца и младинци, претстава на 8 и 15 мај