Се сеќавате ли на салата „Партизан“ во Карпош? Сигурно дека ќе се сетите, па постојано помпезно ни најавуваат од општината дека ќе биде реновирана.
Јавноста вчера доби најнова таква информација од општина Карпош дека во завршна фаза е изработката на основниот проект за реконструкција на спортската сала „Наум Наумовски – Борче“ (Партизан) во Карпош 4. Ова е вест во серија на вести посветени на обновата на овој објект кој е важен за граѓаните на оваа скопска општина. А вести поврзани со неа имаше многу: почнувајќи од ветувањето на градоначалникот Стефан Богоев дека ќе биде реконструирана, па преку информациите во каква загрижувачка состојба е, преку процесот на враќањето на сопственоста врз неа во рацете на општината, преку изборот на идејниот проект од страна на граѓаните, преку испитувањето на нејзината статика, вести за средбите до авторот на основниот проект…
Сите тие бројни информации во изминативе три години беа проследени со најавите дека реконструкцијата ќе почне наскоро. Но, тоа „наскоро“ се уште не доаѓа и реконструкцијата не започнува се уште.
Еве, и сега, основниот проект се уште не е завршен, а потоа сигурно ќе следат барање финасии, тендери за изградба, надзор и слично. Се добива впечаток дека околу реконструкцијата на салата многу полесно се продуцираат вестите дека обновата ќе почне „наскоро“ отколку што во тоа навистина и ќе се случи.
Надлежните од општина Карпош време е да сфатат дека граѓаните очекуваат конкретен почеток на реконструкцијата, а не постојано најавување дека тоа „ќе се случи“. До крајот на мандатот на локалните власти во градот, и во општина Карпош, останува само уште една година. Прашање е дали тоа време ќе биде доволно за да се заврши реконструкцијата која што им е ветена на граѓаните.
Во меѓувреме, некои карпошани уверуваат дека навечер ја виделе и слушнале салата како плаче. Кога го нема чудото – да се направи салата, се десило чудото – салата да плаче. Добро е што е скромна и не сака да прави бруки, па се крие навечер и си рони солзи.