Добро е: Летаат министрите Османи и Маричиќ на сите страни

Криза е во Македонија. Треба да се бара чаре, а особено тоа треба да го прават скапо платените и многу фалените македонски министри.

И така, министерот за надворешни работи Бујар Османи повторно е на службен пат. Само што се врати од посетата на Украина каде што повторно ја отвори македонската амбасада и се сретна со украинскиот колега Дмитро Кулеба, а сега е веќе во далечната и развиена Јапонија.

Тоа е тоа – се што треба, само за да и тргне на Македонија на подобро.

Османи, на бизнис форумот во Токио пред јапонските компании ги презентира потенцијалите за инвестирање во Македонија. Ги објаснувал нашите предности: стабилен економски и финансиски систем, исклучително поволни услови за странски инвестиции, отворениот пристап до европскиот пазар од над 650 милиони потрошувачи, ниските оперативни трошоци, како и висококвалификуваната работна сила… Сигурно потенцирал и тоа дека сме земја членка на НАТО и на прагот на преговорите со ЕУ, нешто во стилот – Еве само што не сме добиле датум, еднаш и го добивме ама испадна дека џабе се сликавме во авионот. Ама сега е сигурно…

Растрчан е и министерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ. Тој во Црна Гора денеска учествува на годишниот Самит на демократијата во Југоисточна Европа во организација на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), насловен „Војната во Европа: Влијанието на Балканот“. А на него, заедно со претставниците од државите во овој регион ќе се разговара за клучните теми кои се однесуваат на стабилноста, со фокус на последиците од војната на Русија против Украина на Западен Балкан.

Не е соопштено кои ќе бидат новите дестинации на двајцата министри. Навлегуваме во месец јуни кога на претстојниот Самит на ЕУ кога Македонија треба да добие одлука со која ќе може да ги почне пристапните преговори за членство. Ќе добие ли? Каде ли ќе патуваат – нашите министри посебно тие за надворешни работи и за евроинтеграции, во претстојниот период е неизвесно.

Но добро е – се гледа дека летаат на сите страни. Работат. И си ја знаат работата.

Претходна вестМајмунските сипаници се умерен ризик за јавното здравје
Следна вестПендаровски: Предвремени избори може да направиме и утре, но што би решиле тие