Државата затајува во преземање на ефикасни мерки за превенција на семејно насилство

Со Росана Богатинова, правна советничка во Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, зборуваме за зголемениот број на семејното насилство во изминатиов период и како да се решава овој проблем

МВР соопшти дека во изминатиов двомесечен период на полициски часови семејното насилство се зголемило…

– Прогласувањето вонредна состојба и воведувањето „полициски час“ несомнено го зголеми ризикот од семејно насилство. Ограничувањето на правото на движење на граѓан(к)ите, принудно ги затвори во домот, кој не за секого е безбедно место за живеење. Можноста за манифестирање контрола и моќ во семејства во кои веќе постои историја на насилство, дополнително се зголеми. Официјалните статистики на МВР кои во првиот квартал покажаа мал пораст на бројот на пријавени случаи во однос на истиот период лани и последните статистики на МВР за периодот од 12-ти април до 12-ти мај 2020 г. Кои покажуваат 44,6 отсто зголемување на бројот на пријавени случаи, не се и единствениот меродавен податок за сторени акти на семејно насилство. Постои огромна „темна бројка“ на случаи, кои за жал не се пријавуваат. Имајќи предвид дека семејното насилство претставува специфичен облик на криминалитет кој го карактеризираат блиски, интимни релации помеѓу инволвираните лица, носењето одлука на жртвата да го пријави насилството е комплексен процес. Недовербата во работата на институциите, стравот од реакцијата на сторителот доколку насилството се пријави, екомонската зависност, ризикот од бездомништво за жртвата и нејзините деца, се фактори кои влијаат на одлуката на жртвата да започне постапка и да го активира државниот механизам за заштита од насилство.

Зошто се случува ова насилството врз жените и семејното насилство?

– Семејното насилство е комплексен феномен. Заедничка карактеристика на сите форми на насилство врз жените е потребата од воспоставување моќ и контрола над однесувањето, движењето и одлуките на жената кои, според патријархалните ставови и шаблони на однесување, се засноваат на идејата за потчинетост иа жените и стереотипни улоги на мажите и жените. Постојано инсистираме да се води сметка за родовиот аспект на насилството и да се работи на надминување на ставови кои поддржуваат стереотипни улоги на мажите и жените во општеството. Семејното насилство се манифестира како физичко, психолошко, економско и сексуално насилство во зависност од дејствијата кои ги презема сторителот и   последиците кои ги трпи жртвата.

Како и дали доволно реагираат општествените институции?

 За неполни две недели, во период на вонредна состојба, во Скопје беа извршени два фемициди кои претставуваат најтежок облик на насилство врз жени. Со оглед на тоа што семејното насилство најчесто се врши подолг период, двата фемициди потврдија дека државата затајува во преземање на ефикасни мерки за превенција на семејно и родово базирано насилство. Превенцијата започнува уште во образовниот процес кој треба да се темели на современи содржини, ослободени од шовинизам, предрасуди и дискриминација врз жените. Кај нас, за жал, се уште постојат учебници во кои жената се посочува како единствено одговорна за домашните активности, а мажот како одговорен за работата надвор од дома. Затоа неопходна е целосна ревизија на учебниците во сите фази на образовниот процес. Дополнително, нужно е поефикасно делување на институциите во однос на утврдување одговорност на сторителот и обезбедување заштита и поддршка за жртвата.

Како најдобро да им се помага на жртвите на семејното насилство?

– На жртвите на насилство им е неопходна сеопфатна поддршка, која вклучува правна помош, психосоцијална поддршка, обезбедување сигурно место за домување и спроведување ефикасни мерки за заштита од идно насилство. Центрите за социјални работи се должни да ѝ овозможат на жртвата целосна поддршка која, меѓу другото, има за цел и економски да ја зајакне жртвата за да може самостојно да носи одлуки за  сопствениот живот и да не биде принудена повторно да се врати кај сторителот на насилство. Полицијата има обврска по службена должност да му предложи на судот изрекување на привремена мерка – отстранување на сторителот од домот, без оглед на сопственоста. Жртвата не смее да биде принудена да го напушти домот за да се спаси од насилството. Ова е еден од најголемите стравови кај жртвите кој влијае на одлуката за пријавување на насилството. Ние како граѓанска организација, заедно со други организации кои работат на оваа тема, нудиме бесплатна правна и психосоцијална поддршка за жртви на семејно насилство, помагајќи им да добијат соодветна заштита од институциите и да ја надминат траумата која ја преживеале.

Претходна вестУжас: Дванаесетгодишно дете прободено во грбот со остар предмет кај Зелено пазарче
Следна вестВториот бран пак мавна: 8 пациенти починале од вирусот, новозаразени се 136 лица