Голем дел од ГУП-овите во Македонија се постари од 10 години, а планирањето треба да биде динамичен процес…

Со Михаел Димитровски, раководител на Одделението за планери и урбанисти во рамките на Комора на овластени архитекти и овластени инженери зборуваме за проблемите од областа на урбанизмот по македонските општини.

Што би требало да биде приоритет на новите општински раководства во сферата на урбанизмот. Дали треба да се пристапи кон ревизија на постоечките урбанистички планови?

– Проблемите кои до сега се детектирани се повеќе, започнувајќи со недоволната транспарентност на урбанистичката планска документација (УПД). Голем број од општините урбанистичките планови, кои се јавни документи, се недостапни за граѓаните. Општините не ги објавиле он-лајн, или каде што се објавени, не се објавени во целост. Бавни постапки, кои траат со години, кои кочат/одвраќаат инвестиции, и (ин)директно поттикнуваат нелегално градење, минимална покриеност на руралните средини со урбанистички планови. Прв чекор за обезбедување на средства од ИПА програмите, особено на делот на РД (рурален развој) е да има урбанистичко планска документација за локалитетот, парцелата каде потенцијалниот инвеститор сака да привлече финансии од ЕУ фондови.

Проблемите можат да се надминат со: итно објавување на целосната урбанистичко- планска документација на Општините. , што најлесно, најбрзо може да се направи он- лајн; постапките за донесување на урбанистичко-плански документации мора да се забрзаат, со тоа што со законски измени точно ќе дефинираат рокови, ќе овозможат барање до институција/надлежен орган автоматски да се прифати доколку истече рокот за негово разгледување, а истиот не се произнесол (да се исклучи ситуацијата „молк на администрација”), ќе одредат што ќе се случи доколку доносителот на планот го пробие рокот за носење на планот. Дали ќе се прекине постапката, дали ќе има реперкусии по доносителот итн. Приоритет на општините да стане руралниот развој, преку итно покривање на руралните средини со урбанистички планови како прв чекор, во итна, брза  постапка. Притоа, директен резултат би биле: развој на инфраструктура, зголемени инвестиции, регулирано и евидентирано градење во руралните средини (наспроти нелегалната градба)…

Колку македонските општини имаат добри урбанистички планови, колку имаат ГУП- ови, колку, всушност, им недостасува важечка урбанистичка документација?

– Поголем проблем за Генералните урбанистички планови е нивната анахроност, што е објективен, квантитативно утврден параметар. Имено, планскиот период за ГУП изнесува 10 години. Голем дел од ГУП-овите во Македонија се постари од ова, а динамиката на живеењето, секојдневните потреби, економскиот развој, планирање се динамични. Оваа динамика не се рефлектира во процесот на донесување на урбанистичко-планските документации, особено ГУП-овите.

На пример, ГУП на град Битола, каде живеам, е од 1985 година, со измени и дополнувања од 1999 година. Планските решенија во него предвидуваат апсолутно невозможни зафати од една страна од денешен аспект (на пример пробивање на булевари низ густо населени места), а кои го кочат развојот на градот од економски поглед од друга страна. Од друга страна, се уште постојат централни скопски општини кои се покриени со ГУП на Град Скопје, а кои не донеле план од пониско ниво (ДУП) за делови од својата територија! Општините треба да делуваат проактивно за обезбедат квалитет на живот на своите граѓани – да носат планови за секој дел од својата територија. Исто така, во континуитет мора да се ревидираат донесените планови, рефлектирајќи ги тековните потреби.

Како да се надмине проблемот по општините со недостиг на ГУП-ови, на ДУП-ови… Дали за ова се потребни големи средства кои ги немаат општините?

– ГУП е стратешки документ за развој на еден град. Финансии секогаш можат да се обезбедат, од повеќе извори. Најголем проблем е вољата и истрајноста на општинската администрација истите да се донесат. ГУП, на пример, е документ за кој е потребен повеќе и од еден мандат за да се донесе. Секогаш се работи за соработка помеѓу повеќе институции, како и соработка помеѓу локалната и централната власт. Но, во постапката секогаш „моторот” мора да биде локалната власт.

АКО НЕМА ПЛАНОВИ ЌЕ ИМА НОВИ ДИВОГРАДБИ

Ако потрае ваква ситуација, ако нема носење на нови ГУП-ови, ДУП-ови по општините, дали и натаму ќе бидеме сведоци на никнување на нови дивоградби…?

– Да, токму така. Проблемот со легализација на дивоградби мора еднаш засекогаш да се реши, за што КОАИ дава свој придонес со свои предлози за целоопфатно, конечно решение на овој проблем. Но, тоа е едната страна. Другата страна мора да биде поткрепа – покривање на целата територија на државата со урбанистичко-планска документација, како би можело да се обезбедат сите услови на граѓаните да градат легално (и да немаат изговори за нелегално градење), а истовремено да се отвори можност на државата за равој на инфраструктурата на руралните средини. Прво прашање на експерти кои застапуваат разни фондови (на ЕУ, СБ) е: „Имате ли урбанистички план за локалитетов?”