Во Скопје недостасува повеќе еколошка свест, главно – кај одговорните фактори

Новинарот и писател Јован Павловски, кој неодамна ја доби наградата „Свети Климент Охридски“ посебно се горедее со духот на Градот, со неговата историја и луѓето.

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

Убави и помалку убави. Во убавите, секако спаѓаат жолтата зграда во Карпош I, во која и денес живеам, и радостите и игрите со Мишо и Ана, прошетките со Оливера. Потоа, тука е старата зграда на „Нова Македонија“, „Букет“, секако…

Убави спомени будат и сликите на Драмски и МНТ, Друштвото на писателите и „Јоле“. На социјалните мрежи гледам слики од Скопје со населби со многу зеленило и дрвја, со куќи не повисоки од еден до два ката… Плански урбанизирано Скопје. За жал, Скопје потсетува и на урбаниот хаос, на загадувањето, на ѓубрето… Сепак, и едното и другото е дел од овој град кој дише со нас, па (простете ми за често употребуваната фраза) кој живее и љуби со нас.

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

Знаете, секое време си има убавини и свои, специфични работи. Така што, не можам да одговорам прецизно на Вашето прашање. Мислам дека еднаш, во едно слично интервју реков: И Скопје и Тетово (мојот роден град) ги сакам секогаш – и во минатото и сега, а, сигурно, и во иднина.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

О, со многу работи. Да споменам неколку: со духот на Градот, со неговата историја, со жилавите луѓе кои живеат во него…

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

Претпоставувам дека зборувате во географска категорија, но јас ќе си дозволам, како новинар, да го пренасочам одговорот: многу поважно е растењето на градот во смисла на креативноста, инвентивноста и културата.

А како писател, драго ми е што гледам дека Скопје расте со младите писатетелки и писатели кои се афирмираат не само кај нас, со различни креативни енергии.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

Повеќе еколошка свест (главно – кај одговорните фактори) и помалку загадување.

Во какво Скопје сакате да живеете?

Во Скопје – град на среќни и задоволни луѓе, во Скопје – град на исполнети креативни потенцијали.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

Генерално: не сметам дека ниту еден јавен службеник, секаде во светот, доволно дава за одговорноста која ја добил од граѓаните.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?

Не е мое тоа да го кажам. Знам само дека се трудев да бидам пристоен и креативен граѓанин на Градот.

Претходна вестЗошто ни се толку многу градски и општински советници?
Следна вестДијалогот меѓу Софија и Скопје продолжува