Голем напредок во медицината: Тест на крвта може да предвиди деменција до 15 години пред да се појават симптомите

Научниците тврдат дека пронашле начин со помош на едноставен тест на крвта, да ја предвидат деменцијата до 15 години пред да започнат првите симптоми, а ова би можело да биде откритие што ќе ги промени животите на илјадници луѓе низ светот, пишува „Дејли мејл“.

Деменцијата е термин кој се користи за опишување на низа прогресивни невролошки нарушувања (оние кои влијаат на мозокот) кои влијаат на меморијата, размислувањето и однесувањето. Постојат многу видови на деменција, а најчеста форма е Алцхајмерова болест, додека некои луѓе може да имаат комбинација од различни видови деменција. Без разлика кој вид е дијагностициран, секоја личност ќе доживее деменција на свој единствен начин.

Истражувачите откриле 11 протеински „биомаркери“ во крвта на поединци на кои подоцна им била дијагностицирана Алцхајмерова болест и слични болести, што им овозможува да ги предвидат состојбите со повеќе од 90 отсто точност. Ова значи дека едноставен тест на крвта може да ги замени скапите, долготрајни и инвазивни тестови кои во моментот се достапни за пациентите со деменција – од кои повеќе од една третина никогаш не се дијагностицирани.

– Ова е многу важно за скрининг на средовечни до постари лица кои се изложени на висок ризик од деменција. Дополнително, лековите што ќе ги откриеме во иднина би можеле да бидат развиени за да имаат интеракција со протеините идентификувани во оваа студија, можеби нудејќи нови форми на терапија – објаснува професорот Џианфенг Фенг од Универзитетот во Ворвик во Велика Британија.

Раната дијагноза е од витално значење за пациентите со деменција. Тековното испитување на деменцијата вклучува лумбални пункции и ПЕТ скенови, кои користат радиоактивна супстанција за барање промени во мозочното ткиво. Покрај тоа што се инвазивни и скапи, бројот на ПЕТ скенери е ограничен, така што и листата на чекање за снимање обично е прилично долга. Научниците се надеваат дека тестот на крвта би можел да ја промени дијагнозата на деменција и да доведе до многу порано превентивно лекување, давајќи им на пациентите подобар квалитет на живот подолго време.

Претходна вестЕдностраните потези на Косово ќе имаат последици, вели Ескобар
Следна вестМакедонскиот амбасадор во Италија побарал италијанското МНР да не ги признава пасошите без ,,Северна”