Од утре гарантираните цени за дел од прехрамбените производи, лебот, млекото, јогуртот, тестенините…, како и намалените увозни давачки за зеленчукот, нема да важат. Цените ќе бидат такви какви што ќе ги диктираат пазарната побарувачка и понуда.
Сепак, почна стравувањето кај граѓаните од можноста цените на овие производи нагло да се зголемат. Загриженоста е дека нивните цени одново ќе бидат високи, со големи маржи…
Тој страв, според досегашните искуства, е релативно оправдан.
Владините функционери вчера ја смируваа јавноста дека нема да следи големо поскапување. Инфлацијата била смирена, имало редовно снабдување на пазарот, немало зголемена побарувачка по одредени производи… Најавуваа дека и пазарната инспекција ќе биде присутна и ќе врши контрола по маркетите за да нема ценовно дивеење.
-Не можеме да дозволиме трговските маржи за тестенини да бидат и до 70 отсто, како што тоа претходно се случуваше, изјави вчера вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Дали така и ќе биде ќе се види веќе од утре. Голема одговорност ќе биде на пазарните инспектори за да го спречат секое неоправдано зголемување на цените. А тоа значи дека треба да бидат многу присутни по маркетите за да не го дозволат она што се дозволуваше пред да се случи замрзнувањето и воведувањето на „гарантирани цени“. Да имаше поголеми контроли сигурно немаше да има такви маржи коишто се незамисливи за едно нормално пазарно стопанство.
Но, такви маржи ќе немаше доколку и трговците спроведуваа она што се нарекува добра трговска практика. Дел од трговците се обидоа да профитираат од тогашната кризна состојба на пазарите предизвикана со воениот конфликт во Украина, а претходно од корона кризата… Ваквото однесување не смее да продолжи и добро ќе биде ваквите трговци да запрат и да ги определуваат цените примерени на светската понуда и побарувачка, но и на џебот на просечниот македонски потрошувач.
Ако не следи вакво нешто, ако нема посовесно однесување на трговците и поголеми инспекциски контроли, пак ќе се случи хаосот на пазарите, пак ќе бидат оштетени граѓаните и државата ќе мора да посегне по нова административни мерки. А тоа нема да биде добро за една здрава пазарна економија каква што ни е потребна.