И Тито се прашува каде погрешивме…

Јас не само што не паметам туку не сум можел ни да замислам една ваква ситуација со Бугарија. И не сум рамнодушен. Роден сум во една друга држава во 1945 година, па сега на 78 години се прашувам каде погрешивме и како е можно некој да ми каже дека не постојам? А еве сум, тука сум, на ова место. Политичарите во голем дел им го загорчуваат животот на луѓето, изјави Тито Петковски, поранешен претседател на македонското Собрание и претседателски кандидат на СДСМ.

Тој во настапот на ТВ24 оцени дека и Македонија и Бугарија се зад визиите на Гоце Делчев. Петковски потенцира дека во бугарските архиви може да се најде говорот на Георги Димитров за последниот завет на Гоце Делчев кој сакал да почива во главниот град на независна Македонија за којашто се борел и залагал и затоа неговите мошти се пренесени во Скопје.

Тој потсети дека истите луѓе кои сега создаваат немир до лани не доаѓале пред гробот на Делчев.

– И ова сега мислам дека не е случајно туку е за нивна внатрешна бугарска политика. Бугарија е земја на ЕУ која има најмногу проблеми и е најсиромашна, заклучи Петковски.

Петковски додаде дека дури и Бугарите ги препознаваат лошите политичари, а за тоа сведочи падот на изборите на радикалните политички партии, иако постојано се појавуваат некои нови.
Околу лошите политичари во Македонија кои сите овие 30 години независност на земјава доведоа до ваква подредена ситуација и кон Грција и кон Бугарија се очекува тој повеќе да зборува во некоја друга прилика…
Претходна вестИнцидент во српското собрание, опозицијата ја обвинува власта за предавство
Следна вестКалин Ивановски експресно се пласира во четврт-финалето на турнирот во Тунис