Овластени станици за технички преглед се места кадешто граѓаните ќе треба да поднесуваат барања за промена на регистарските таблици со ознака МК со НМК. Ова денеска за „Скопско ехо“ го соопштија од Министерството за внатрешни работи објаснувајќи ја целата процедура на промената.
-Во однос на замена на регистарските таблички со ознака МК со НМК , сопствениците на возилата треба да поднесат Барање за промена на регистарски таблици во овластени станици за технички преглед каде врз основа на барањето на шалтерот на МВР, се поднесува барањето за промена на регистарски таблици. Потоа од страна на референтот на МВР се издава нова сообраќајна дозвола и нови регистарски таблици на трошок на сопственикот на возилото, ни изјавија од МВР.
Сопственикот на возилото треба да приложи сообраќајна дозвола и регистарски таблици и важечка лична карта или ако сопственикот е правно лице тековна состојба издадена од централен регистар на РСМ ,
-Цената на сообраќајна дозвола е 200 денари, а цената на регистарските таблици е 1.200 до 1.300 денари, во зависност од обликот на регистарската таблица. Плаќањето се врши на пост терминал или на уплатница пп50, ни рекоа од МВР.
Согласно Законот за возила, доколку возилото е во сообраќај со поинакви регистарски таблици од пропишаните предвидена е глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност.
МВР завчера соопшти дека сопствениците на возилата со ознаката МК до 12 февруари 2024 година треба да ги заменат со таблиците со ознака НМК. Промената може да се изври и пред рокот за регистрација на возилата.





