Иселениците реагираат: Кои се критериумите за доделувањето на МКарта?

Кои се носителите, врз основа на кои критериуми се избрани и зошто иселеничките организации не се консултирани околу изборот на личностите на кои ќе им биде доделена МКарта, реакции се кои почнаа да доаѓаат од македонските иселеници од дијаспората. Нашите сонародници реагираат на вчерашната промоција на проектот на МНР за МКарта од страна на министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој вчера објави дека МКарта е доделена на 69 наши државјани, припадници на дијаспората кои ќе можат да ја користат за брзо поминување на граничните премини на аеродромите во Скопје и во Охрид, при влегување во земјава. Картата е своевидно признание и потврда за истакнати личности или поединци од земјава кои живеат во странство.

-Проектот МКарта претставува мрежа на наши квалитетни поединци во дијаспората, кои со својата стручност и нагласен ангажман се истакнуваат во новата средина во која живеат, што ги чини вистински амбасадори кои на најдобар можен начин ја претставуваат Северна Македонија. Забрзаниот премин на нашите аеродроми што се реализира во соработка со Министерството за внатрешни работи, претставува симболично препознавање на нивниот труд и квалитет и благодарност на нашите институции и држава, рече вчера Османи.

Тој додаде дека меѓу носителите има научници, лекари, бизнисмени, културни работници итн., за кои, како што рече, имаме желба и интерес да бидат дел од нашиот севкупен развој и општествени процеси. Кога беше промовиран овој проект во јани 2021 година беше наведно дека дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во странство се задолжени да ги детектираат таквите поединци, а изборот кој ќе биде носител на МКарта се реализира во строго предвидена процедура.

Но, од редовите на македонското иселеништво стигнуваат забелешки дека целата процедура не е доволно транспаретна. Ивица Челиковиќ, секретар на Македонскиот сојуз во Шведска, а во чиј состав влегуваат 11 македонски друштва, за „Скопско ехо“ изјавува дека тие воопшто не биле консултирани околу изборот на личностите.

-Околу изборот на личностите воопшто не сме консултирани иако нашата мејл адреса и телефонскиот број за контакт се добро познати, како овде во Шведска, така и во Македонија. Проблемот е што за вакво нешто треба да постојат извесни критериуми и остварени, мерливи резултати. Кои се тие? Би било уште поинтересно кога Бујар Османи и МНР би ги објавиле имињата на поединците во таа „мрежа на наши квалитетени поединци во дијаспората“, да се види кои се тие што биле детектирани од ДКП. Можеби тоа ќе поттикне и други поединци да се „борат повеќе“ и на „најдобар можен начин да ја претставуваат Северна Македонија во новата средина во која живеат“. Каде живеат и работат тие истакнати 69 личности во дијаспората? Има ли меѓу нив и некое „детектирано“ име, на пример, во скандинавските земји?, потенцира Челиковиќ.

Тој додава дека ова е потребно за да се зголеми транспарентноста, посебно околу изборот на носителите на МКарта и примената на определените критериуми.

Претходна вестРакописи стари по 500 години со дигитализација спасени од пожар и вода
Следна вестЈапонија им нуди на семејствата по 7500 долари по дете доколу се иселат од Токио