Истражување: Скопјани меѓу најнезадоволни Европејци од квалитетот на животот во нивните градови

Околу 90 отсто од жителите на ЕУ изразуваат задоволство од начинот на живот во нивните градови, покажуваат резултатите од Извештајот на Унијата за квалитетот на животот во европските градови за 2023 година. Тој опфаќа вкупно 83 града во земји членки на ЕУ, потоа земјите од Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), Обединетото Кралство, Западен Балкан и Турција. Но, сепак вакво задоволство не споделуваат и жителите на градовите од Балканот, вклучително и скопјани, како и на неколку европски метрополи.

Оценките се вршени според повеќе критериуми, како степенот на задоволство од севкупниот начин на живот, условите за безбедно движење ноќе и за можностите за наоѓање вработување, финансиската состојба на домаќинствата, квалитетот на јавниот транспорт, воздухот, културните случувања и здравствената заштита, пристапот до зелени површини, степенот на корупција на јавна администрација, како и условите за живеење на повозрасните лица, припадниците на ЛГБТИК заедницата и на мигранти од други земји.

Според критериумот Степен на задоволство од животот во градот Скопје се наоѓа на 75-то место од 83-те града опфатени со истражувањето, со 72 отсто задоволство на граѓаните. Нешто подобро од нашиот главен град се рангирани унгарскиот Мишколц (74 проценти) и црногорската Подгорица (77 отсто), а понезадоволни од скопјани според условите за животот во нивниот град се жителите на Рим (71 проценти), Белград (69 отсто), Неапол и Тирана (по 66 отсто), Истанбул и Атина (по 65 проценти) и на самото дно е Палермо со 65 отсто.

Подобрување на квалитетот на животот во градот во споредба од пред пет години Скопје е на претпоследното место според оценката дали квалитетот на животот во градот е зголемен во споредба од пред 5 години. Само 13 отсто скопјани оцениле дека квалитетот на животот во Скопје е подобар отколку пред пет години.

Со 27 процент, Скопје е на последното место според тоа колку неговите жители се задоволни од здравствените услуги во градот, а во последните десет е и според задоволството на жителите од културните установи и зелените простори во градот. Главниот град на земјава го држи и последното место, со само 12 проценти, во однос мислењето на неговите жители за квалитетот на воздухот

Скопјани сметаат дека нивниот град е и најлошо место за живеење за мигрантите од други земји. Така, само 33 отсто од анкетираните скопјани сметаат дека условите за живот на мигрантите во градот се добри, со што Скопје се наоѓа на последното место на листата. Полоши услови од Скопје, според истражувањето, има во турскиот град Дијарбакир со само 27 отсто, кој е на последното место, а пред него се Тирана со 29, Истанбул со 34, Анкара, Бјалисток и романскиот Пијатра Неамц со по 35 проценти и Подгорица со 37 отсто.

И кога станува збор за условите за живот на семејствата со мали деца, Скопје е при дното, на 78-то место, со 60 проценти позитивно мислење, зад Атина со 61, Рим и Софија со 62 и Амстердам со 67 отсто. Истанбул и во оваа категорија е на последното место со 42 проценти, а пред него, но по Скопје, се Тирана со 52, Љубљана со 57 и италијанските Неапол и Палермо со 58, односно 59 отсто.

Во однос на критериумот Чувство на безбедност при шетање ноќе Скопје е во групата на градови каде под 60 отсто од анкетираните дале потврден одговор, што го сместува во долниот дел на табелата, но сепак не е меѓу 10-те „најнебезбедни градови“ во Европа. Таа неславна „титула“ ја носи Рим, каде само 38 проценти од жителите дале потврден одговор на ова прашање.

Од друга страна, само 38 проценти од анкетираните жители на Скопје се согласиле со ставот дека може да им се верува на повеќето луѓе во нивниот град. Со ваква оцена, Скопје се најде на делба на 77-место со ист процент како и Белград.  Анкетата покажа дека Балканците се најнедоверливи кон своите сограѓани.

Позитивен одговор за тоа дали се задоволни со нивната лична работна ситуација дале 60 отсто од жителите на Скопје, сместувајќи го на делба на 76-то место со Мишколц и Белград.

Во однос на прашањето за Лесно наоѓање добар станбен простор по разумна цена, Скопје е при врвот во однос на можноста лесно да се најде добар станбен простор во градот по разумна цена. Позитивно мислење на ова прашање дале 65 отсто скопјани, сместувајќи го Скопје на делба на третото место заедно со британскиот урбан конгломерат Тајнсајд.

Околу критериумот Задоволство од финансиската состојба на своето домаќинство Скопје е одново при дното – дека се задоволни одговориле 51 отсто од жителите на Скопје, што го сместува градот на 81-то место.

Претходна вестКовачевски за работата на Работната група за функционерските плати: Ги прашувам, велат дека работат…
Следна вестСкопје, Битола, Куманово, Тетово се најзагадени градови, 45 отсто од загадувањето доаѓа од домаќинствата