Јадат ли министрите леб?

„Нека има за леб, за другото ќе се стрпиме и трпиме“. Оваа реченица со векови била еден тип на утешителна водилка во Македонија.

Арно ама, сега во 21 век, кога веќе не требаше воопшто да се зборува само за леб туку и за многу повеќе на трпезата – дојде време да стравуваме дека и лебот ќе го снема.

Да де, леб има, ама е многу, многу скап, па за многумина исто како да го нема. Како се дозволи тоа во земја која ги има Пелагонија и Овче Поле, житници какви сонуваат многу држави?

Сега скоро секој ден има нови цени на лебот, уште повисоки. Леб од 480 грама стаса до цена од 50 денари. Страв да те фати.

На социјалните мрежи граѓаните масовно споделуваат табела направена во Србија каде е претставено во која држава од регионот е најмногу поскапен лебот. Цените се најмногу скокнати во Црна Гора и Македонија, а најмалку во Србија и Албанија.

Го видоа ова македонските министри? Го анализираат ли ова и македонските производители на леб?

Оправдувањата за ваквите цени се глобалните трендови на растењето на цените на сите видови енергија, како и на суровините во прехранбената индустрија. Но, како реагира Владата за сето ова да се ублажи? Се правеа ли стратешки резерви, се намалуваат ли некои давачки, се зголемува ли производството на жито, се проверува ли дали цените се можеби претерани, се…?

Владата треба да реагира посериозно се додека тоа не даде позитивни резултати. Цените на основниот прехрамбен продукт е многу важен за сите во Македонија. Впрочем, зарем министрите не јадат леб?