На вкупно шест предмети поврзани со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко работи државното Јавно обвинителство, меѓу кои се и кривичните пријави стари и по осум години. Пријавите ги поднесуваме граѓани, адвокати, Финансиска полиција…
Јавното обвинителство денеска соопшти дека за овие поднесени кривични пријави против Мерко се уште не е донесена јавнообвинителска одлука. Најголем дел се дека тој сторил злоупотреба на службена положба и овластувања и се водат во струшкото Обвинителство. Пријава против Мерко имала и Финансиската полиција која кривичната пријава ја поднела уште во 2015 година но се уште нема никаква разрешница од обвинителите.
Во соопштението на ЈО се наведува дека предметите се уредно завадени.
-КО бр. 107/23 кој е заведен по кривична пријава поднесена од повеќе Здруженија на граѓани, за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ. Пријавата е поднесена на 26.04.2023 година, постапува ОЈО Струга и презема дејствија за проверка на наводите. КО бр. 117/23 заведен во ОЈО Струга против наведеното и уште две други лица за кривични дела по член 353 и член 353-в од КЗ, а по кој има испитани лица и редовно се постапува. КО бр. 121/23 примен во ОЈО Струга на 19.05.2023 година и по кој се проучува пријавата и предистражната постапка е на почеток, велат од Обвинителството, а пренесува Макфакс.
Кривична пријава во 2015 година има поднесено и Финансиска полиција, а дури во 2020 година е издадена наредба за вештачење, кое и по три години не е готово.
-Обвинителот што постапува во предметот издал Наредба за вештачење до Бирото за судски вештачења, по доставените наоди во три наврати е побарано дополнување на вештачењето. Предметниот обвинител се уште го чека постапувањето по Наредбата за дополнување издадена во февруари 2020 година, додаде Обвинителството.
Против Мерко се води случај и во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Овој е отворен во 2022 година, а се однесува на ангажмани за адвокатски услуги.
-Предметот е во предистрага и се постапува по истиот, велат од Обвинителството.
Мерко е осомничен и за измама на повеќе лица, преку експропријација на земјиште во Струга. Овој предмет е во предистрага веќе четири години.
-По слични наводи постапувало и ОЈО Струга и ОЈОГОКК, по што двата предмети се споени, обезбеден е судскиот предмет и дел од списите кои се наведуваат во пријавата. Се наоѓа во фаза на предистражна постапка, посочуваат од Обвинителството.
Јавното обвинителство на земјава уште во своето соопштение и додава дека „Република Северна Македонија исклучително сериозно ги зема предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на ова лице врз постапките“.
-Од тие причини, обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана, се вели во соопштението од Обвинителството.
На дополнителниот интерес на новинарите дали против Мерко има и завторени предмети, од обвинителството велат дека има такви предмети, но тие биле затворени пред повеќе години наназад.
-Но, сепак, и за нив ќе се проверува како постапувале обвинителите, по што јавноста дополнително ќе биде известена, велат во својот одговор од ОЈО до новинарите.


