Горјан Јовановски, автор на познатата апликација „МојВоздух“ со која се следи аерозагадувањето, кој е и годинешен добитник на Европската награда за најдобар млад иноватор 2020 во категоријата за млади до 30 години, смета дека Скопје веќе почнува да се гуши со прекумерното и непланско градење
Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
–Културните настани во МКЦ, пиво на сепариња во парк, гужвата за влез во Маракана и Хавана, скара во Дебар Маало, прошетките на Водно, погледот од Музеј на современа уметност… но и фамилија, пријатели, и дом. Скопје е нешто што е многу драго во моето срце, и град за кој се вратив назад од странство за повторно да можам да го доживеам.
Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
–Дефинитивно тоа порано. Скопје се градело и сакало плански, и навистина ти е драго да ги гледаш тие стари слики од градот. Можеби сега расте Скопје во поголема метропола, но шармот на градот полека се губи во бетонската џунгла, и тоа е нешто што лично не ми се допаѓа, и против кое често се борам.
Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
–Прашувате активист, мислам го знаете одговорот хаха. Шала на страна, како активист, должен сум цело време да ги држам одговорни институциите и градоначалниците за да правилно и совесно си ја извршуваат својата работа. Според мене, далеку од оптимумот сме. Има навистина проекти за пофалба, но и проекти што се целосно непотребни, и пари кои што треба да се пренасочат кон решавање на вистинските проблеми со кои се соочува Скопје.
Дали Вие доволно му дадовте на градот?
–Дадовте е глагол во минато-свршена форма. Јас сè уште му давам на Скопје, и нема да престанам дур сум жив. Ја користам мојата пасија за технологија, за да наоѓам креативни начини да му помогнам на мојот град да стане онаков како што го замислувам. Дали тоа би било апликацијата МојВоздух за следење на загадувањето, МојМиленик за пронаоѓање на изгубени миленици, Волонтирај.мк за ширење на волонтерската култура… и ред други. Но проблемот со загадувањето на воздухот останува мој прв приоритет, и се дур Скопје е загадено, ќе бидам на улиците заедно со моите еко активисти, и ќе се бориме за чист и зелен град.
Со што најмногу се гордеете во Скопје?
–Од луѓето и културата. Иако живеев 4 години во странство, толку блиски пријателства и креативни борци за подобро утре, јас немам запознаено на друго место. Може многумина ќе кажат, ах скопјани се некултурни, и се сложувам дека има такво гласно малцинство, но останатите творат како на никое друго место што до сега сум бил. Музика, филм, театар, активизам, претприемништво, полека се создава критична маса од луѓе што ќе го трансформираат Скопје во нешто уште попрекрасно!
Во какво Скопје сакате да живеете?
–Во Скопје каде што секој жител сака да придонесува до подобра иднина на нашето општество, и сите заедно се активираме во градење на истата. Скопје се сака со искрена љубов, што сите негде длабоко во нас ја имаме. Нека излезе на површина, зошто сега, повеќе од било кога, ни е таа потребна.
Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
–Ми недостига зеленило, мнооогу повеќе зеленило. Како може еден градски главен плоштад да е толку сив, а пред 10 години да беше толку зелен? Би одземал многу згради кои што се натрупаа од урбаната мафија, и би направил паркови на нивно место. И тоа не оние паркчиња што сега ги прават со многу бетон а малку трева, туку старите хард-цоре паркови исполнети само со зеленило, бидеќи на Скопје му треба тоа и тоа како.
Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
-Скопје расте, бидејќи другите градови и села ги забораваме. Но Скопје има свои лимити, дури и самата географска локација веќе почнува да го гуши градот со прекумерното и непланско градење. Наместо да се фокусираме да го растеме Скопје, треба да ги растеме Битола, Охрид, Велес, Тетово, Струмица, Штип, и сите други прекрасни градови што полека забораваме дека постојат во нашава мала држава.