Би ги одзел од Скопје немарноста на некои негови жители, отпадоците…

Зад нашиот познат писател Благој Иванов се цели 90 години живеење во родното Скопје. Доволно за многу дела, раскази, записи, сеќавања и верба дека во градот ќе биде подобро.

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

Откривањето на маалата. По нешто беше познато. Но, по ослободувањето на Скопје на 13 ноември 1944 година, почнавме да се движиме низ градот. Роден сум во Чаир. Ја познавав Топаана. Турското маало под Гази Баба. Дуќанџик, близу скопскиот пазар. Ридот кај Француски Гробишта, од кадешто го гледавме Вардар, Хајд-парк. Во месеците по ослободувањето, од Чаир одевме преку Вардар, на работни акции за расчистување на урнатините што ги оставија окупаторските војски кои поминаа низ градот. Прво  бугарската, потоа германската, нивните сојузници … И така, градот беше наш… На тоа ми се навраќа и денес мислата.

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

Секој период од мојот живот, и со преселбите низ маалата, е зачуван во сеќавањата со убави нешта, како и со нерадосни работи. Градот е тој, еден. Во него живеам деведесет години. Сум имал можности за многу патувања. Сум се враќал во него да се одморам, да здивнам. Ми било убаво во него со блиските, со пријателите, ми значел многу и со гробиштата каде биле погребувани моите блиски, од моето детство до денес. Кое Скопје? Цело Скопје.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?

Што? Да се пофалам? Не сум бил стопанственик за да кажам колку сум придонел во таа област, ниту сум бил градоначалник или во градската администрација кој изградил  водовод, придонел во неговата организација, придонел во правењето на улици и булевари. Бев новинар, работник во културата, кој пишувал главно за дејностите во културата и образованието. Бев активист во културните здруженија, близок до аматерското творештво, во фолклорот, музиката, сликарството. Па бев, едно време, ипретседател на градската Културно- просветна Заедница. Сето тоа го сакав многу. Да се пофалам себе си со тоа.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

Откако знам за градот, во Скопје секогаш имало едно движење во културата и творештвото – напати помалку видливо, напати многу видливо. Движење од млади аматери, љубители кои подоцна се пројавиле како значајни творци. Во актерството, во играорството, во музицирањето и пеењето, во сликарството. И во филмот, како и во литературата. И тоа движење, таа творечка вознемиреност, трае и денес. Вон институциите – за потоа да влезе во нив и да не им дава да заспијат. Таа страст, на пример, за џезот, за фолклорот, за пишување песни и нивно јавно кажување, таа страст за драмскиот аматеризам итн. – е и денес прекрасна болест што се гледа во собирањата на младите. Мислам ни Ковид-19 ни Ковид 196 не може да го запре тоа.

 Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

Скопје беше најголем град во Македонија и по крајот на војната. Во него продолжи доаѓањето на луѓето од внатрешноста. Многу од нив беа оние што бараа подобар живот, подобра работа. Во годината на земјотресот, во 1963 година, имаше некаде некаде триста илјади жители, значи некаде над двесте илјади повеќе од по војната. Не се броеја околните села. Изградбата на Скопје по земјотресот, привлече многу луѓе, не само од Македонија. Напредокот со обновата на градот значеше напредок и во стопанскиот развој, во културата. Имаше потреба од работници, од кадри во многу области. Така градот доби нови жители. Град кој во Македонија даваше можност за вработување, за кариера во многу области. Како може да се запре тој процес? Со кои ограничувања? Градот е тој.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

Да одземам од него – што? Луѓе, дејности? Не би го можел тоа. Што, сепак, би одзел од него? Немарноста на некои жители за својот град. Отпадоците. Нечистотијата, и такви работи. Се надевам дека самиот град, со својот живот и со својот развој, ќе ги намали проблемите од секаков вид.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

Не сум во можност да одговорам уверливо на прашањево. Само знам дека значаен број институции работат со средства од градската каса. Веројатно потребите и барањата се поголеми од можностите тие да се задоволат. Од задоволување на комуналните потреби па се до она што го бара животот на еден град. Се проширува тој список на барања.

Претходна вестПочина градоначалникот на Загреб – Милан Бандиќ
Следна вестПукање кај Поликлиника Чаир- полицијата пронашла 8 чаури