Јовев демантира дека го нападнал директорот Шокаровски: Имаше само вербална расправија, се удрив случајно од неговите лупи

Немало физички напад туку само вербална расправија со Марјан Шокаровски, изјави вечера кардиохирурогот Сашко Јовев, поранешен директор на државната Клиника за кардиохирургија. Тој во изјава за повеќе медиуми реагира на соопштението на МВР дека прво вербално нападнал медицинска сестра, а потоа и физички го нападнал директорот на Клиниката за кардиохирургија, д-р Марјан Шокаровски. Јовен категорично негира дека имало имало физички напад туку само вербална расправија со директорот Шокаровски. По расправијата, како што тврди, во полициска станица пријавил мобинг и вербален напад.

Јовев од стрес бил хоспитализиран на кардиологија бидејќи му се покачил крвниот притисок.

-Нема физички контакт ниту од моја ниту од негова страна. Само што јас се удрив случајно од неговите лупи, но тој не ни замавна да ме удри. Ние вербално се расправавме. И бидејќи вербално се расправавме, тој прв ми рече на висок тон ,,Овде пред мене застани”. И кога му се приближив и почнав да викам, почна да извикува ,,полиција, полиција”. Ни на крај памет не ни беше да се тепаме. Тогаш јас излегов и заминав во полиција и пријавив вербален напад и мобинг од негова страна врз мене. Како може јас да одам да пријавам дека јас сум го натепал него? Тоа е нонсенс. Пријавив дека јас сум вербално нападнат и дека сум под мобинг цело време, изјави Јовев за „Слободен печат“.

Во изјава за „Курир“, пак“ тврди дека постојано бил мета на мобинг.

-Постојано сум под мобинг. Денес мене вербално ме нападна директорот на клиниката. Ми беше прв ден на работа после боледување. Дојдов, се поздравив со сите колеги, јас со сите сум во добри односи. Ме чекаа 17 пациенти. Директорот мене вербално ме нападна, се однесуваше недолично и не ми дозволи да одам во амбуланта. Ми се обрати со зборовите „Ти пред мене“, „Доаѓај ваму, пред мене“…  Јас на тоа вребално му вратив. Му реков да не се однесува така со мене, кој сум постар и реков „Да не ти се случи друг пат ова“. Пријавив дека сум вербално нападнат. Ниту тој ме удри мене, ниту јас него. Под постојан вербален напад сум и трпам мобинг, затоа отидов да пријавам. Тој се закануваше со полиција, јас знаев што сака да направи и затоа сам пријавив, истакна Јовев за порталот.

Тој се сомнева дека зад сево ова стои нечија жела тој да замине од клиниката.

-Веројатно сакаат да си одам од клиника, можеби претставувам „опасност“ па сакаат да ме тргнат. Знам за се што се случува. Директорот има поддршка од некој, од тој некој што ме сменил мене од работното место. Ова е монтажа и сакаат да ме натераат да си одам. Процесот со моето разрешување не е завршен, знаат дека е можно да се вратам, истакна Јовев.

Претходна вестМакедонски државјанин со чекан нападнал сплитска полиција откако бил фатен во кражба
Следна вестСДСМ: Горди сме на нашите реформи во образовниот систем, а на наставниците им покачивме плати