Ќулафкова: Препораките го укинуваат историскиот континуитет на Македонците

Политичкото инсистирање да се усогласат заеднички препораки за т.н. заедничка историја е удар врз интегритетот на научната мисла и ја спречува слободата на толкување на историските факти, личности, настани и процеси во Македонија, смета академик Катица Ќулафкова, како реакција по вчера објавените препораки од мешовитата комисија за заедничко чествување на некои од историските личности со Бугарија. Според Ќулафкова „оваа „експертска комисија“ го црпи својот легитимитет од политиката, не од науката“.

-Препораките налагаат дури и нови елементи на етно-национален континуитет на Бугарите, веројатно и на другите соседни народи, но го укинуваат историскиот развоен национален и политички континуитет на Македонците. Тие небаре се предвидени да бидат неавтохтони доселеници со одземени историски права. Балканските држави-нации, поддржани од западноевропските сили и монархии во 19 век, денес се однесуваат по логиката според којашто (тие) се виши нации кои имаат колонијални права над македонскиот народ и држава, анализира Ќулафкова.

Таа додава дека препораките се само уште еден обид да се проблематизира македонскиот идентитет, неговото потекло, историски развој и легитимитет. Дури и не се обидува да биде некаква софистицирана и научно поткрепена мимикрија.

-Напротив. Толку се површни и очигледни во својата намера, што е веќе дегутантно да се коментираат, завршува Ќулафкова.

 

Претходна вестСончево време, со изолирано невреме на некои места
Следна вестВМРО ДПМНЕ: Ако Ковачевски е сигурен во 80 пратеници, ајде веднаш на гласање во Собрание, ако не-тогаш итни избори