ВМРО ДПМНЕ: Ако Ковачевски е сигурен во 80 пратеници, ајде веднаш на гласање во Собрание, ако не-тогаш итни избори

Ако премиерот е сигурен дека ќе има 80 пратеници тогаш веднаш враќање назад во Собрание и гласање за истите, но ако излезе дека нема тогаш итно да излеземе на избори – ова е последната понуда од ВМРО ДПМНЕ до власта.

-За да престанат притисоците од страна на власта кон пратениците, СДСМ и Ковачевски имаат избор и понуда од страна на претседателот Христијан Мицкоски. Доколку Ковачевски и СДСМ се сигурни дека имаат 80 пратеници, веднаш по враќање на пратениците во Собранието да ги стават уставните измени на дневен ред на првата собраниска седница. Но, ако на таа седница не поминат уставните измени за вметнување на Бугарите во Уставот, наредниот ден, да се распушти Собранието и да се оди на предвремени парламентарни избори. Ако од власта се сигурни дека она што го прават е исправно еве им избор, или слугување на Бугарија и промена на Уставот или предвремени избори. Ова е чесна и фер понуда. На потег е Ковачевски, пишуваат од партијата во соопштението од изутрината.

Уште еднаш нагласуваат дека ВМРО-ДПМНЕ е за европеизација, а не асимилација и бугаризација.

-Европеизација на Македонија да, но не под бугарски диктат. И за заштита на националните интереси пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата цврсто ќе опстојат на овој став, пишуваат од таму.

Ќе ја прифати ли оваа понуда претседателот на Владата?

Претходна вестЌулафкова: Препораките го укинуваат историскиот континуитет на Македонците
Следна вестДа почекаме, можеби Владата ќе ги смени своите членови во историската Комисија