Кој ќе ѝ пренесе на Данела, дека автобусите не возат?

Скопје утрово имаше редуциран градски сообраќај. Не сообраќаа дел од приватните превозници. Бара ли чаре раководството на Град Скопје за да го реши овој проблем?

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска сè уште не стапила во контакт со претставниците на приватните превозници, иако утринава скопјани останаа ускратени за нивните услуги.

Ко-основачот на приватното превозно претпријатие „Макекспрес“, Милорад Димитриевски, вели дека се обидел да стапи во контакт со Арсовска, но таа не му се јавувала на телефон

– Автобусите нема да сообраќаат се додека не се договориме со Град Скопје, јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и не изнајдеме решение кое ќе биде соодветно и за нас и за нив, нагласи Димитриевски.

Тој додаде дека возачите не се во можност да возат, бидејќи немаат пари за гориво.

– За една смена за гориво во автобус се потребни 4.000 денари, додека за две 8.000 денари. Од каде ќе најдат толку средства возачите, дециден е Димитриевски.

За сега, како што истакна Димитриевски од Град Скопје и од градоначалничката Данела Арсовска нема најави за средба.

Димитриевски тврди дека градот, односно ЈСП му должат на „Макекспрес“, 30 милиони денари, од кои 8,5 милиони денари за август, 12 милиони денари за септември и четири аванса за октомври.

– Оваа состојба се влече цела година. Сè што имавме внатрешни резерви се потрошија, заклучи Димитриевски.

На потег е градоначалничката. Ако сакаме помалку гужва и загадување по скопските булевари, тогаш под итно таа треба да го реши проблемот на приватните превозници.

Инаку, автобусите на „Макекспрес“ возат на линиите 19, 20, 22, 52 и 54, а располагаат со вкупно 77 автобуси.

Претходна вестХорот и оркестарот на ОУ „Кузман Јосифовски-Питу“ триумфира на фестивалот во Италија
Следна вестТешко повредена жена кај Орешани