Комисиската ѕвезда даде политичко објаснување за историски содржини 

Колумна на Наташа Котлар – Трајкова

Пред два дена копретседателот на македонско-бугарската комисија за историско-образовни прашања Драги Ѓоргиев, како ѕвезда Северница настапи во Министерството за надворешни работи, објавувајќи ги првите препораки за заедничко чествување и за промена на учебниците по историја, според Договорот за добрососедство од 2017 г. При тоа, бугаризирањето на македонскиот среден век (Кирил и Методиј, охридските Климент и Наум, Самуил) не го одбрани со научни аргументи, туку со политички! Сполја му на Бога!

Но, најави дека членовите на Комисијата од северна страна, истото ќе го стореле и со македонскиот XIX век (браќата Миладиновци, револуционерните дејци и други). Понатаму, тој понуди и чудно обрaзложение, дека во овој случај, науката – историографијата не е засегната, туку само учебниците – образованието,  заради поинакво презентирање на споменатата историска содржина.

Секако, ова политичко објаснување на комисиската ѕ в е з д а, по вокација историчар е малициозно и манипулативно!

Уште пред четири години, укажав дека политичката (ненаучната) работа на Комисијата директно ја засегнува целокупната македонска академска историографија, бидејќи научните истражувања, пишувања и толкувања ги прави токму таа. Што значи, академска историографија создава научна продукција, која потоа се преточува како синтеза во учебниците. А, тие треба да помогнат во процесот на стекнување на знаења на помладите генерации. Што значи работата на комисијата е директен атак на македонската осумдецениска научна продукција.

Погрешно образовани генерации, се изгубени генерации!

Оттука, науката и образованието се взаемно поврзани и при тоа имаат национална функција, определувајќи го општествениот идентитет. Затоа, на крајот би истакнала, комисиски конструираната историја живее колку што политиката ќе ѝ дозволи да живее. Но, тоа е краткотрајна логика… Старата максима дека „победниците ја пишуваат историјата“ ја има побиено Борхес во своето дело „Историја на вечноста“, во кое вели дека постои и друга историја, која ја пишуваат луѓето од занает – научната дејност.

За чинителите на политиката, власта и моќта, народот смислил една мудрост: „Насилникот ќе пропадне поради силата и вообразеноста, лакомиот поради парите, а покорните ќе пропаднат служејќи им!

Претходна вестСрамно е да пропадне Охридскиот маратон: Пендаровски ќе ја штити ли 60-годишната традиција?
Следна вестДенес и утре портокалова фаза во Македонија-се препорачува ослободување од работа на најранливите категории население