Комората на геодети: Катастарот ги поскапе цените и до 500 отсто, податок за геодетска точка од 67 скокна на 409 денари!

За цели 100, 200, па и 500 отсто се поскапени цените на услугите коишто ги дава Агенцијата за катастра на недвижности а што е неоправдано, реагира денеска Комората на трговски друштва за геодетски работи при Сојузот на стопански комори. Оваа асоцијација која обединува 140 геодетски друштва бара итна ревизија на ноите тарифници.

– Услугите за добивање одредени податоци се поскапени за 100, 200, па и за 500 отсто, на товар на геодетските друштва, нотарите, адвокатите и граѓаните кои користат катастарски услуги. Досега за добивање на податоците кои се потребни за подготовка на геодетски елаборат се плаќало 750 денари, а со зголемувањето износот ќе биде 1.552, односно за повеќе од 100 отсто. Најголемото зголемување е на цената за купување на податок за координати на геодетска точка, што досега чинеше 67 денари, а сега е 409 денари. Ова дотолку повеќе што условите налагаат дека овој податок речиси и да не се употребува, а мора да биде купен при изработка на секој елаборат. Ако досега просечно годишно едно геодетско друштво кон Агенцијата имало трошоци од 111.450 денари за 150 предмети, сега овој трошок е 232.000 денари, предупреди Никола Рибароски, претседател на Комората.

Од Комората тврдат и дека УО на АКН не постапува по нивното барање за нов тарифник што го доставиле уште во 2019 година, а со кој ќе има корекција на цените на услугите кои ги наплаќаат геодетските друштва, а кои не се сменети од 2013 година.

Според Рибароски, работењето на геодетските компании е директно загрозено и од тројцата членови на Управниот одбор на Комората на геодетски друштва, кои се предложени од Агенцијата за катастар за недвижности. Тие, тврди тој, наместо да даваат предлози и да носат одлуки за унапредување на работењето на компаниите, ги штитат интересите на Агенцијата и вршат грубо кршење на нејзината независност.

-Револтот на нашите членки е толку голем, што скоро сите повикуваа на преземање на радикални чекори со цел да биде слушнат гласот на приватните компании и да се најдат решенија за спас од погубните политики. Радикализацијата меѓу другото би значела целосен колапс на катастарското работење и на повеќе сектори, најави Рибароски.

Претходна вестПронајден човечки труп во длабок дол на планината Плачковица
Следна вестПриватните превозници нема да возат додека не се реши проблемот