Лекарите на протест, се најавуваат блокади, кривични пријави…

Најави за можна блокада на сообраќајниците во градот е упатена од денешниот протест на здравствените работници поради доцнењето на платите за јануари.

-Доколку до средна не се земе плата ние ќе го блокираме Скопје на влезот кај Ѓорче Петров и Автокоманда и ќе го блокираме Центар во четврток. Значи, најавуваме блокада на Скопје од Независниот синдикат и другите синдикални организации, најави денеска Лазар Костовски, претседател на Независен синдикат на геријатрија.

Претседателката на Независниот синдикат на ГОБ „8 септември“, д-р Рената Ѓаконовиќ рече дека има големо незадоволство.

– Луѓето немаат пари, кој ќе ги плаќа каматите, кредитите, сметките? Едноставно тука имаме луѓе кои работат за многу мала плата, рече таа.

Горан Ристески од овој Синдикат најави дека в петок ќе поднесат кривична пријава против лица одговорни за нефункционалноста на системот на Фондот за здравство.

-Кривична пријава ќе се поднесе поради непостапување. Во медиумите се пишува дека државата дала одредена сума за надградба и одржување на софтвер. Ние немаме корист од тоа, значи компаниите кои биле платени, имале за задача и да го одржуваат. Мора некој да понесе одговорност, таа услуга е платена согласно важечките стандарди, рече Ристески.

Претседателот на КСОМ, Марјан Ристевски рече дека не добиле повик од Владата за разговори иако имало официјален допис до премиерот Димитар Ковачевски.

– Владата се занимава само со себе, ја заборавија основната функција да се грижат за работниците. Здравствените работници прават натчовечки напори работејќи во лоши услови и за тоа уште да не бидат платени. Докторите се револтирани и апелираме да се даде што побрзо платата. Овие луѓе немаат земено К-15 дваесет години, рече Ристевски и додаде дека од ФЗО му најавиле дека до крајот на денот ќе успеат да го покренат системот за плати.

Претходна вестПробал да поткупи полицаец, завршил во станица
Следна вестНаучен труд за локалитет Влахо објавен во светско реномирано списание