Левица: Погрешните владини политики доведоа до највисока инфлација во регионот

Македонија е лидер во регионот според стапката на инфлација, како резултат на недостигот на владини мерки, со што основните прехранбени производи добиваа нови повисоки цени, соопшти денеска Левица.

Ова опозициска партија наведува дека во октомври беа измерени неверојатни 19,8 отсто.

-Македонија има највисока стапка на инфлација во последните 25 години, при што поголема инфлација забележана е само во првите години од осамостојувањето. Годишната стапка на инфлација во јануари 2023 година изнесува 17,1 отсто. Највисока е за храната и безалкохолните пијалоци 25,1 отсто, со што директно се погодени најранливите категории на граѓани. Иако владата оптимистички го проектира Буџетот за 2023 година со стапка од 7,1 отсто, цените не стивнуваат, а животниот стандард на граѓаните и реалната куповна моќ и понатаму опаѓаат, потенцираат во соопштенињето.

Левица укажува и на несекојдневни случувања со кои цената на струјата и гасот на светските берзи се намалуваа, а цените на производите кај нас секојдневно се зголемуваа.

-Народната банка за да ја забави инфлацијата, продолжи со затегнување на монетарната политика, зголемувајќи ги каматните стапки, но со тоа само им овозможи повисоки екстра профити на лихвобанкарите, а народот го плаќа цехот од погубните политики на неспособната власт, со поскапи кредити и повисоки трошоци за основните производи и услуги. Класните разлики и понатаму се зголемуваат, а безимотните, сиромашните и работниците нема да го издржат овој несопирлив ценовен шок, потенцираат од Левица.

Претходна вестСловенечки претседател го продаде своето „Рено“ 4 за 60.000 евра, парите ги донираше за болни деца
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Стразбур донесе само одлука дека апликациите се преуранети, правдата ќе излезе на виделина