МВР ќе набавува налепници за регистарски таблички со ознаката „НМК“ по цена од 29,5 до 41 денар, покажува склучениот договор за јавна набавка. Договорот е склучен со фирмата „Квантум дооел Скопје“, а производител на табличките ќе биде германската фирма „ЕХА Хофман“. Набавка се однесува како на нови регистарски таблички, така и на четири типа налепници за регистарските таблички кои се разликуваат според димензиите.
Така, за налепница со димензија 99×42 МВР ќе плаќа 35 денари, за налепниците со димензии 85х40 милиметри цената ќе биде 41 денар, налепниците со димензии 63х37 милиметри ќе чинат 35 денари и налепниците со најмала димензија изнесува 29,5 денари за две налепници.
Засега од МВР нема информација која ќе биде продажната цена на налепниците, но таа сигурно нема да биде пониска од набавната цена во тендерот.
Инаку, Власта укажуваше дека граѓаните најдоцна до 12 февруари 2024 треба да ги променат регистарските таблички и на нив да има ознака „НМК“ наместо досегашната „МК“. Таа претходно бараше граѓаните да ставаат сосема нови регистарски таблички што ќе чинеше многу повеќе и ќе направеше целосен хаос, но по бурните реакции од јавноста, од возачки здруженија… се премисли и ги „смисли“ налепниците.





