Бројни примери на спасени затрупани лица и по шест-седум дена од катастрофалниот земјотрес се бележат во Турција. Девојче е спасено од урнатините на зграда во провинцијата Хатај, дури 150 часа после земјотресот кој ја погоди Турција во понеделникот, јави агенцијата Анадолија.
Припадниците на спасувачката екипа девојчето го спасиле од урнатините од зграда во Хатај, една од десетте провинции кои се погодени од разорниот земјотрес. На видео снимката се слуша разговорот на девојчето и здравствените работници додека ја носат на носилки. Можеше да се види како девојчето се тресе од студ.
Во градот Кахраманмарас се спасени мајка, татко и син, кои беа под урнатините на зграда цели138 часа.
Спасувачите слушнале гласови од под урнатините на зградата ја интензивирале акцијата и по неколку часа успеале да ги спасат таткото Џелал Ташан, неговата сопруга Јасемин и нивниот син Енсар. Сите тројца по спасувањето биле пренесени во болница.
Забележан е и преимер во кој по 149 часа е извлечен маж со епилепсија.
Инаку, проценките зборуваат дека пробот на жртвите во земјотресот во Турција и во Сирија надмина 28.000, а надежите за пронаоѓање повеќе преживеани се намалуваат и покрај неколкуте случаи опишани како чуда.
-Бројот на жртвите од силните земјотреси во Турција, кои ја погодија и соседна Сирија, може да се удвои или уште повеќе, изјави во меѓувреме шефот за хуманитарна помош на ОН Мартин Грифитс, кој го посети турскиот град Кахраманмараш, во близина на епицентарот на земјотресот со јачина од 7,8 степени, објави АФП.
Според ОН, на најмалку 870.000 луѓе им е потребна топла храна во Турција и Сирија. Само во Сирија до 5,3 милиони луѓе може да останат без покрив над главата поради земјотресот, забележува БТА.



