Научниците со последно предупредување за климата: Да се дејствува сега или ќе биде предоцна

Научниците издадоа „последно предупредување“ за климатската криза, со оглед дека зголемените емисии на стакленички гасови го туркаат светот на работ на непоправлива штета што само брза и драстична акција може да ја спречи. Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC), составен од водечки светски научници за климата, денеска го објави последниот дел од својот шести извештај за климатските промени.

За изготвување на сеопфатниот преглед на човечкото знаење за климатската криза, на стотици научници им беа потребни осум години, но илјадниците страници од извештајот се сведуваат на една порака: да се дејствува сега или ќе биде предоцна, пренесува „Гардијан“.

– Овој извештај е јасен повик за масовно забрзување на климатските напори од секоја земја и секој сектор и во секоја временска рамка. На нашиот свет му треба климатска акција на сите фронтови: сè, секаде, сè одеднаш“, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Во извештајот „IPCC“ го претстави уништувањето што веќе е нанесено на големи делови од светот. Екстремните временски услови предизвикани од климатските промени доведоа до зголемен број смртни случаи од се посилните топлотни бранови во сите региони, милиони животи и домови уништени во суши и поплави, милиони луѓе се соочуваат со глад и „сè повеќе неповратни загуби“ во виталните екосистеми.

Последниот дел што беше објавен денеска, наречен синтезен извештај, е речиси сигурно последната ваква проценка додека светот сè уште има шанса да го ограничи порастот на глобалните температури на 1,5 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа, прагот над кој штетата врз нашата клима ќе стане неповратна.

– Овој извештај е дефинитивно последното предупредување за 1,5 степени. Ако владите се држат до нивните сегашни политики, преостанатиот буџет за јаглерод ќе се потроши пред следниот извештај на IPCC [во 2030 година], рече Каиса Коснен, експерт за клима во Гринпис Интернешнл.

Повеќе од три милијарди луѓе веќе живеат во области кои се „многу ранливи“ на климатските промени, откри IPCC, а половина од глобалното население сега се соочува со сериозен недостиг на вода, барем дел од годината. Во многу области, предупредува извештајот, веќе ја достигнуваме границата до која можеме да се прилагодиме на таквите тешки промени, при што временските екстреми „сè повеќе го поттикнуваат раселувањето на луѓето во Африка, Азија, Северна, Централна и Јужна Америка и во Јужниот Пацифик.

Сепак постојат научници кои тврдат дека станува збор за циклусни процеси и дека состојбата и не е толку сериозна.

 

Претходна вестДа не чекаат гусари да дојдат и да ја потопат или украдат галијата?
Следна вестПендаровски на чествувањето во УНЕСКО: Ацо Шопов веруваше во магичната моќ на поезијата да го очовечува животот.