Пендаровски на чествувањето во УНЕСКО: Ацо Шопов веруваше во магичната моќ на поезијата да го очовечува животот.

Ацо Шопов веруваше во магичната моќ на поезијата да го очовечува животот, порача македонскиот претседател Стево Пендаровски во денешното обраќање во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција. Тој зборуваше на почеток на чествувањето посветено на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската лирика, Ацо Шопов. Настанот е дел од Националната програма „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.

-Прославуваме два големи јубилеи. Сто години од раѓањето на знаменитиот македонски поет Ацо Шопов и 30 години од македонското членство во УНЕСКО. Овие исклучително значајни пунктови во нашиот социо – културен развој нѐ потсетуваат дека задачата на уметникот отсекогаш била да поставува критички прашања во светот и за светот и времето во кое живее. Книжевниот корпус на нашиот великан Ацо Шопов е парадигма за тоа дека поезијата и севкупната уметност не припаѓа само на естетското, туку е длабоко вкоренета во етичкото и хуманото, истакна во обраќањето Пендаровски.

Тој укажа дека за Шопов поезијата не е само естетско доживување.

-Ние како и Шопов сме соочени со дилемата – дали нашето време е мртво за поезија? Чуми ни се поетите и уметноста? Одговорот можеме да го бараме во животот и творештвото на Ацо Шопов. За Шопов поезијата помага во исцртување на контурите на човековата иднина, како огромно поле за слободно манифестирање на сите негови духовни способности. Според него, поезијата не е само естетско доживување, туку активен однос и етички став кон битните проблеми на животот, рече во обраќањето Пендаровски.

Тој потенцира дека Шопов е прв претседател и еден од основачите на Струшките вечери на поезијата.

-Шопов можеше со полно право да каже дека за мене светот е татковината, а татковината светот. Тој самиот ни ја разреши дилемата – на нашето време поезијата му е потребна повеќе од било кога порано, нагласи претседателот Пендаровски.

Шефот на македонската држава ќе присуствува и на поетски перформанс и изложба во чест на Шопов, а предвидено е да има средба и со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле.

Престојот во Франција, Пендаровски го почна вчера со посета на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации – ИНАЛКО, каде што оствари средба со директорот на Институтот, Жан Франсоа-Хуше, со шефот на Катедрата за македонски студии при ИНАЛКО,Фроса Пејоска-Бушеро и со лекторот по македонски јазик на Институтот, Ѓоко Здравески.

Претходна вестНаучниците со последно предупредување за климата: Да се дејствува сега или ќе биде предоцна
Следна вестПродолжуваат протестите во Франција, владата на Макрон се спаси за 9 гласа