По пропаѓањето на улицата зад Универзална сала казни од 12.500 евра за инвеститорот и изведувачот

Пет казни во вкупен износ од 12.500 изрекол градежен инспектор од Секторот за инспекциски работи на Општина Центар на инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ и изведувачот „Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“ откако пропадна дел од улицата „9 Мај“ поради небезбедното градилиште.

Инспекцијата утврди дека инвеститорот постапувал спротивно од издаденото одобрение за градење. Инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ е обврзан да постави армирано бетонски колови, тн. шипови, за обезебедување на јамата, кои тој не ги извел и со тоа постапил спротивно одобрението за градење.

Општина Центар денеска соопшти дека ова градилиште неколку пати беше затворено од градежната инспекција, но инвеститорот на своја рака ги отстрануваше заштитните инспекциски ленти и продолжуваше со градење, не земајќи ги предвид законските одредби и решенијата од инспекцијата.

Со изоставувањето на армирано бетонските колови, инвеститорот ги довел во опасност околните објекти, а вчера пропадна и дел од улицата „9 Мај“, каде што се наоѓа и спорното градилиште.

– Оттука, постапувајќи по Законот за градење, градежниот инспектор на Општина Центар изрекол вкупно пет глоби и тоа: 4.000 евра во денарска противвредност за непреземање на мерки за обезбедување на градилиштето; 500 евра во денарска противвредност за прекршок на одговорното лице во правното лице „Бинјапи Инжинеринг“, 7.000 евра за правното лице – изведувач „ Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“, 500 евра за одговорното лице во правното лице – изведувач и 500 евра за градежниот инжинер за изведба, сите во денарска противвредност, информираат од Општина Центар.

Претходна вестПродолжуваат протестите во Франција, владата на Макрон се спаси за 9 гласа
Следна вестДве женски лица од Гостивар се приведени под сомнение за сторени измами