Обвинителот Јовески им објасни на пратениците за надлежностите околу Онкологија, тие му возвратија…

Љубомир Јовески, Јавниот обвинител одговараше на пратеници на анкетната комисија за скандалот на Онкологија. Јовески им порача на народните избраници дека на сите нивни прашања имаа еден одговор – дека е спротивно на Уставот, законите и на собраниските деловници да изнесува факти и докази од постапувањето на Обвинителството.

Тој апелираше да престане злоупотреба на предметот во врска со Онкологија во политички цели и да се остават обвинителите да си ја завршат работата оти паралелна истрага е недозволена. Го загрозува истражниот процес и се дава можност на одбраната во суд да ги оспорува доказите. Објасни дека кога ја добил поканата за сведочење пред анкетната комисија, помислил оти е грешка.

-Сè повеќе сум уверен дека не се работи за грешка, туку за излегување од надлежностите на собраниските тела, со цел да се наруши предистражната постапка што ја води Обвинителството. Јавниот обвинител ниту е експерт ниту може да биде повикан да сведочи за активна кривична постапка. Тоа го забранува Уставот, рече обвинителот Јовески.

Наведе дека ваквата расправа е спротивна и на неколку други закони, особено на Законот за кривичната постапка, со кој се штити тајноста на предистражната постапка и доказите обезбедени на законски начин, а спротивна е и на собранискиот Деловник.

-Член 123 од Деловникот за работа на Собранието вели работните тела не може да имаат истражни или други функции. Во вашиот комисиски деловник, пак, во делот на надлежностите сами сте напишале дека анкетната комисија ќе утврдува дали има политичка одговорност во целиот овој случај. Ниту постапувањето на Јавното обвинителство ниту најголемиот дел од сведоците, кои секојдневно ги повикувате тука, може да биде предмет на политичка одговорност. Кривичната одговорност, можеби ќе ве разочарам, не е во ваша надлежност, наведе Јовески пред пратениците.

Тој уверува дека предметот за Онкологија се води темелно и стручно и дека ќе дојде до вистината, без разлика на некои обиди за опструкции. Документите и доказите за кои вчера јавно зборуваше лидерот на опозицијата Јовески смета дека треба да бидат доставени во Обвинителството за да не се дозволи да се компромитира постапката за ситни дневнополитички поени.

Му реплицира претседателката на комисијата Рашела Мизрахи, а потоа пратеникот Љупчо Пренџов му рече на обвинителот дека имал можност да побара седницата да не биде јавна.

-Сте имале 12 години да ѝ ја кажете вистината на македонската јавност, пријави имало и претходно и тоа е фаул. Наместо да гледате на телевизија што ние зборуваме, требало да работите и да дојдете овде со готови информации за тоа што сте го сработиле. Можевте да побарате да биде затворена седницата, рече пратеникот Пренџов.

Тој го предупреди обвинителот да не го навредува Собранието оти пратениците седат тука затоа што се избор на граѓаните, а тој е дојден тука затоа што е предлог на Зоран Заев.

На ваквите забелешки со довикувања од место реагираа пратениците од СДСМ, па беше дадена пауза од пет минути по што продолжи сослушувањето на Јовески.

Претходна вестИранка осудена на смрт, сопругот ја начекал со друг маж
Следна вестУХМР: До понеделник дожд и ветер