Од каде е оптимизмот на Владата дека Бугарија ќе ja крене рампата кон ЕУ?

На Македонија и понатаму и се ветува датум на кој ќе се каже датумот за почеток на преговори со ЕУ. Многу пати беше ветено дека – еве сега ќе биде – и потоа се даваа објаснувања дека уште нешто требало да се доработи-попушти од македонска страна. Македонската владата и сега шири оптимизам дека датумот за датум е блиску – во декември, иако пораките од Бугарија никогаш не биле појасни дека нема да биде така. Вчера уште еднаш прецизно својот став го кажа бугарскиот претседател Румен Радев.

-Се прашувам зошто се уште се шпекулира дека може да има компромис за отворање на вратата за почеток на преговорите пред да слушнеме јасни и неоспорени гаранции. Сакам да ги уверам бугарските граѓани и да кажам дека Бугарија не може да каже „да“ пред да престане кршењето на човековите права на Бугарите во Северна Македонија, пред да се исполнат Копенхашките критериуми за членство во Европската унија, пред да заврши децениската систематска дебугаризација, почитување на културното наследство на Бугарите и искоренување на говорот на омраза, вели Радев.

Дали ова значи дека Македонија ќе треба деновиве да потпише уште некоја гаранција, анекс или како да се нарекува документот кој и до сега излегуваше во јавност, бугарската страна јасно го посочуваше, а македонската упорно го негираше? Дали ќе се потпише празен документ на кој Бугарија потоа ќе си допише што посакува од Македонија? Зошто владата не кажува отворено за што се разговара на „засилените средби со бугарската страна“ периодов пред месец декември?

Текстот на добрососедскиот договор до Бугарија, Македонците го разбраа непосредно пред потпишувањето. Разликата на тогашната 2017 година со тековната е што сега постои дефинирана резолуција за црвени линии до каде може да се оди во преговорите со Бугарија. Опозицијата предупредува дека нема да може да се ратификува во Собрание се што е спротивно на резолуцијата. Но колку и опозицијата е цврста?

Дека Бугарија е единствена во ставот за старт на преговорите на Македонија со ЕУ говори и пораката на противкандидатот на Радев, Михаил Герџиков.

Дали во Македонија има единствен став меѓу главните партии околу црвените линии? Или Владата не ни бара-работи на единствен страв на сите поважни чинители во државата?

Претходна вестУтре ветровито и топло, од понеделник дожд
Следна вестСе нижат награди за „Стела“: Сребрена плакета на детски филмски фестивал во Индија