Од први јули, нови пасоши со новото име

Од 1 јули годинава ќе започне издавањето на патните исправи со новото уставно име.

Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи денеска го помина првиот филтер во собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, без расправа.

Тој содржи преодна одредба која предвидува дека патните исправи со „Република Македонија“ издадени до денот на отпочнување на примената на овој закон, ќе важат до рокот на важење кој е наведен во патната исправа, но не подолго од 12 февруари 2024 година.

Во членот 3 од Уставниот закон за спроведување на уставните амандамни кои произлегоа од Преспанскиот договор, патните исправи со „Република Македонија“ треба да се заменат пет години од стапувањето во сила на уставните измени (усвоени во јануари 2019).

Законот, пак, како што стои во предлогот, треба да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна  Македонија“, а ќе почне да се применува од 1 јули 2021 година.

Претходна вестБез „Северна“ ВМРО-ДПМНЕ не може да го спречи пописот – Џафери им ја врати иницијативата
Следна вестЕкспертите уште не знаат од кое животно потекнува корона вирусот