Олимписки комитет: Да се сменат Наумче Мојсовски и комисиите, да се замрзне доделувањето на ваучерите…

Барање до Владата да се смени актиелниот директор на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсковски, комисиите поставени од него но и да се замрзне постапката за доделување на ваучери за оваа година, упати денеска Олимписки комитет. До ова дојде откако Државната антикорупциска комисија денеска реши да иницира кривично гонење на Мојсовски и на членовите на Централната комисија за евалуација на предлог-листите за доделување ваучерите.

Во дописот на МОК кој е испратен до Владата и до Славица Грковска, до министерката за добро владеење и борба против корупција, се потенцира дека раководството на АМС продолжува со криминални практики.

-Олимпискиот комитет укажува дека и покрај општото јавно мнение и незадоволство од начинот на распределба на финансиските средства од страна на АМС во целост поткрепени со наодите на Комисијата за спречување на корупција и дефинитивно потврдено и докажано со заклучоците во извештајот на Државниот завод за ревизија каде негативно е оценета работата на АМС по сите точки и основи, раководството на истата во ист и непроменет состав продолжува со истите, како што наведува, криминални практики. Согласно ова, ја повикуваме Владата и Вас лично како најодговорен функционер за оваа сфера, да го исполните јавно даденото ветување за чесно, одговорно и транспарентно работење на од Вас избраните и поставени функционери и да го разрешите директорот и комисиите поставени од него и да назначите нови, чесни и професионални лица кои доследно ќе го применуваат законот, правилниците и критериумите за доделување на средства на сите спортски субјекти. Со оглед на тоа што во моментов тече постапката за доделување на ваучери за 2023 година, бараме итно замрзнување на постапката се до именувањето на новите членови на Централната комисија, се наведува во дописот.

Оттаму потсетуваат дека во Извештајот на Државниот завод за ревизија прецизно се констатирани сите незаконски дејанија кои се пракса во работењето на раководството на АМС.

-Внимавајте, се работи за милионски суми распределени без никаква контрола и механизми. Од страна на Агенција за заштита е правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, АМС е рангирана на катастрофално 115 од 120 места како крајно нетранспарентна организација.

-Одговорноста за брза и ефективна реакција е Ваша и е исклучиво во Ваши раце и нема простор за префрлање на вината кај нефункционалниот судски систем, се заклучува во текстот потпишан од претседателот на Олимписки комитет на Северна Македонија Даниел Димевски.

Претходна вестМакедонскиот јазик трајно ги спои Сила од Турција и Миколај од Полска
Следна вестПовици за мирно и достоинствено чествување на Гоце Делчев, засилено полициско обезбедување