Општина Центар собира најмногу данок на имот, следуваат Карпош и Аеродром

Десетте градски скопски општини прибираат половина од вкупниот данок на имот што се прибира на ниво на држава, покажале резултатите од анализата на Центарот за граѓански комуникации. Со анализата била опфатена наплатата на данокот на имот во 2017, 2018 и 2019 година која општините ја вршеле од граѓаните и од правни лица кои делуваат на нивни плодрачја. Според податоците, најголеми приходи има скопската општина Центар, со околу 2.3 милиони евра годишно, а најмали односно без приходи општина Арачиново која не наплатува ваков данок поради недостиг на база на податоци на даночни обврзници.

-Кога станува збор за општина Арачиново, не известија дека воопшто не издаваат решенија за наплата на имот со образложение дека немаат база на податоци на даночни обврзници ниту имаат во општината формирано даночно одделение. Тоа е единствена општина во државата со една ваква пракса, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

Инаку, анализата покажале дека во скопската општина Центар во овие три години наплатата на данокот изнесувала од 133 милиони денари (2017 година) па до 148 милиони денари во 2019 година. Односно, годишен просек за овие три години бил 2.302.666 милиони евра. Втора е општина Карпош каде наплатата на данокот во овој тригодишен период изнесувала од 114 милиони па до 124 милиони денари, односно во просек – 2.027.145 евра во една година.

Наплатата на данокот во овој тригодишен период понатаму следи вака: во Аеродором е од 76 милиони до 90 милиони денари (просечно годишно 1.371.700 евра), во Кисела Вода од 70 до 81 милион денари (1.371.700 евра годишно), во Гази Баба од 72 до 76 милиони денари (1.239.583 евра), во Ѓорче Петров од 30 до 37 милиони денари (558.571 евра), во Бутел од 30 до 37 милиони евра (557.844 евра), во Чаир од 26 милиони до 41 милион денари (542.744 евра), во Сарај од пет милиони до 13 милиони денари (148.915 евра) и во Шуто Оризари од шест милиони до осум милиони денари, односно, за три години просечно годишно биле наплатени 112.972 евра.

Инаку, најуспешни во наплатата на данок во Македонија се Росоман и Ресен, а најмалку успешни Студеничани и Маврово и Ростуше. Процентуално според региони највисока наплата има кај општините од Вардарскиот регион, а најнизок од Полошкиот регион.