Во Македонија медицината сериозно напредувала, ама не по усовршување на начинот на лекување, туку по рекордната должина на работното време за некои медицински лица. Kако да се делел некаков еликсир за изржливост и одбраните медицинари работеле без прекин 24 часа во денот и тоа без прекин 31 ден дури и во месеците кои трајат 30 дена.
Браво, зошто се криел до сега овој изум и ова достигнување? Па малку е што таквите вредни медицинари земале огромни дополнителни примања, треба и ордени да им се даде.
Или пак ако се тргне шегата настрана треба ли да им се даде казни, па дури и откази?
Инаку, за оваа тешка злоупотреба се дозна вчера од премиерот Мицкоски: „Одредени здравствени работници наоѓаат начин преку чуден еден изум или еликсир на континуирана работа, да книжат дежурства и да добиваат месечни примања и од над 10.000 евра. Чудно но вистинито,” констатираше Мицкоски.
Да се разбереме, нема тука никаков еликсир, туку очигледна злоупотреба.
Надлежните служби треба сето ова да го сфатат сериозно и да го истражат.
Со години слушаме за слични злоупотреби со прекувремени часови, празнични дежурства, патни налози и боледувања во речиси сите институции.
Свеж е примерот од министерството за односи меѓу заедниците со кое раководеше Артан Груби, таму имаше вработени кои и не знаеле дека се вработени, ама редовно земале плата. Неодамна и во МВР се отвори приказна за злоупотреба на боледувања, каде дел од службениците боледувале, а не биле болни.
Сето тоа нема да престане ако не биде соодветно санкционирано. И тоа не само на оние кои лажирале, туку и на оние кои не го спречиле тоа, а работата им била баш таква.





