Османи: Наместо да даваме лажна надеж дека ќе го смениме Преспанскиот договор треба да го забрзаме издавањето на пасоши

Да не се дава лажна надеж на граѓаните дека ќе се смени Преспанскиот договор и законот за спроведување на уставните амандамни туку да се забрза издавањето на пасошите, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој смета дека не може да се сменат одредбите коишто предвидуваат до 12 февруари годинава да се сменат пасошите и други лични документи.

-Наместо да се концентрираме на давање лажна надеж на граѓаните дека ќе ги смениме одредбите од Преспанскиот договор и ќе го смениме законот за спроведување на уставните амандмани, треба да работиме на тоа граѓаните да немаат пречки после 13 февруари и да се забрза издавањето на пасоши и да почнат да се лепат налепниците на регистарските таблички. Дајте да се организираме до 12 февруари да завршиме колку можеме повеќе. После на 13 ќе мислиме што останало како проблем и како тоа да го регулираме со грчката страна. Сметам дека некоректно е сега да им испратиме порака на граѓаните да седат без грижа, бидејќи ние ќе средиме и на крај да им кажеме „не успеавме“. Се обидувам да бидам брутално искрен, меѓутоа покоректно е да сум сега отколку после тоа граѓаните да останат на граничните премини и на некој начин ние да сме причина за тоа, додава Османи.

Тој додаде дека државата до 13 февруари треба да се обиде да ги среди документите на граѓаните.

-Притоа не на сметка на граѓаните, туку државата треба да ги направи тие напори, па ако треба и да ги компензира граѓаните кои во овој период треба да ги сменат своите лични документи. Овој пристап е поздрав отколку добивање политички поени за нешто што нема да можеме да го направиме, ниту оваа претставка до Уставниот суд не може да го смени Преспанскиот договор, ниту било кои законски измени. Ајде да се организираме, да побараме разбирање од граѓаните за нешто што сме го презеле како обрвска и да го решиме тоа прашање до 13 февруари. Пофер е да им се каже на граѓаните – имаме обврска, ајде да се организираме да помине без многу потешкотии, отколку сега заради некаква политичка придобивка во предизборие да им се дава лажна надеж дека ќе се одложи рокот. Гледаме дека гужвите се намалуваат во одредени делови, ајде да ги ставиме сите сили институционални на располагање на граѓаните да немаат проблеми со патување после 13 февруари“, кажа Османи, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во МНР со неговиот албански колега Игли Хасани.

Според него, грчката страна има целосно разбирање за техничките аспекти од процесот, но и покрај разбирањето, очигледна е обврската од меѓународниот договор и таа останува.

– Тоа е меѓународен договор, ратификуван во Парламент, не е одлука на Влада на државите. Најдобро е да се договориме да бидеме во секојдневна комуникација со грчката страна за граѓаните да немаат проблеми по 13 февруари, по однос на транспортерите, сообраќајните дозволи, пасошите, изјави министерот.

До изјавата на Османи доаѓа откако првин претседателот Стево Пендаровски кажа дека може да се одложи рокот за промена на пасошите со две-три законски измени, а ВМРО-ДПМНЕ потоа поднесе претставки до Уставниот суд за законите за патни исправи и за безбедност во сообраќајот, кои ако бидат прифатени, би овозможиле одложување на рокот.

Претходна вестЕХФ ги избра петте најубави голови на Македонија
Следна вестТемната страна на Давос: Проститутки, кокаин, кавијар, скап шампањ на тајни „бунга бунга“ забави