Пандемијата ги покажа дупките во здравствството, сега тоа се поправа ли?

Сметам дека треба да се исправат пропустите од време на пандемијата бидејќи поради тоа се изгубија многу животи, вели Валентина Степаноска

Пандемијата предизвикана од Ковид-19 стивна. На сила се уште само неколку превентивни мерки, а независните медицински експерти веќе укажуваат дека сме го пребродиле најтешкото. Но, има предупредувања дека од есен може да не очекува нов бран. Дали е тоа повеќе застрашување или реалност нека објаснуваат медицински експерти. Но една работа не треба посебно да се објаснува – сега во овој период треба да се спастри здравствениот систем во Mакедонија. Пандемијата покажа дека има многу дупки, нејаснотии, површности…

Студиозно и посветено треба да бидат отстранети сите оние маани и дефекти коишто се покажаа во изминативе години и што на свој начин за жал дадоа придонес да бидеме меѓу петте водечки земји по смртноста од вирусот. Здравствениот систем се покажа како неефикасен, како порозен за време на пандемијата, матичните лекари немаа упатства како да ги третираат заболените, тие и лекарите во болниците немаа единствени протоколи, се даваа премногу антибиотици, немаше доволно медицински кадар за нега на болни, се правеа грешки со медицинските апарати, со респираторите, повеќето болници се во очајна состојба… Граѓаните очекуваат овој период да се искористи за да добијат подобра медицинска грижа.

-Треба да се исправат пропустите за време на пандемијата бидејќи поради тоа се изгубија многу животи. Треба да се следи ситуацијата со пандемијата и да се вработи повеќе кадарен персонал. Третирањето на секоја болест, а особено хроничните треба да биде на повисоко ниво, бидејќи познавам луѓе со Дијабетес тип 1 кои не можеа да најдат дози од инсулин за време на пандемијата, ни вели Валентина Степаноска.

И Томе Иновски смета дека периодот треба да се искористи за средување на здравството.

-Апсолутно дека треба да се подобри здравствениот систем и да се лечат пациентите како што ги лечеа во 2019 година. Да ги лечеа по стариот протокол ќе немаше толкава смртност, смета овој граѓанин.

Најпоразителен беше фактот што голем дел од починатите лица претходно имаа и други болести. Во државата, всушност, пандемијата на корона вирусот се надоврза на бројни други „пандемии“ што ги имаме во земјата – на бројни заболени од карциноми, од дијабетес, од кардиоваскуларни заболувања, болести на дишни патишта, прекумерна гојазност… Во изминативе две години, практично, борбата со нив беше значително намалена. Сега што се прави на тоа поле за да се поправи состојбата?

– Во болница беше невозможно да се појде за редовните хронични пациенти, ниту да се закаже термин. Основното, да се најде место во болница за болни пациенти е голем недостаток на нашиот здравствен систем. Мене ме интересира зошто до денес Министерството нема објавено како короната се движеше старосно, за причините за смртноста, ни вели Марга Николоска.

Наталожени проблеми, очигледно има и состојбата во здравствениот сектор бара подобрување ако не се сака тешките последици да бидат уште потешки. Може ли оваа постава на раководители во здравствениот сектор сето ова да го средат?

Барањата на матичните лекари не се решаваат

Надлежните, меѓутоа, како да покажуваат дека не им се брза до наесен да ги средат состојбите. Тоа го покажува и фактот што барањата на матичните лекари, поради кои имаше неколку протести, се уште не се решаваат.

-И натаму чекаме некој да не повика да се постигне договор околу нашите барања и проблеми. Но, се уште никој не ни се јавува од Министерството. А матичните лекари, коишто се прва брана против болести, се во се потешка состојба, ни рече Лилиа Чолакова – Дервишова, претседателка на Здружението на приватните лекари.

Претходна вестВо Скопје сончево, во западните делови на Македонија попладне дожд и грмежи
Следна вестНаште телевизии Гоце Делчев га славеа со турски серии