Политичари и граѓани се качија на велосипеди, ама само денеска – од утре пак стара песна

Во рамките на Европската недела на мобилност, денеска во Скопје се одбележа Денот без автомобили.

Во организација на Град Скопје, стотина скопјани, на чело со градоначалникот Петре Шилегов, на неколку часа се откажаа од автомобилите и на велосипеди го обиколија централното градско подрачје.

Дефилето тргна од паркот „Ибни Пајко“ и се движеше низ градските улици до целта на Школката во Градскиот парк, каде што се одржа лотарија и музички хепенинг.

Градот Скопје годинава по 11.пат се придружи на градовите кои ја одбележуваат Европската недела на мобилноста со богата агенда исполнета со квалитетни содржини за промоција на пешачењето, велосипедизмот и користењето на јавниот превоз како одржливи форми на урбана мобилност.

Во периодот од 16 до 22 септември во рамките на оваа недела се организираа низа настани – се одржаа повеќе онлајн работилници со ученици од основното и средното образование за промоција на мерките за постигнување на одржливата урбана мобилност, а се организираа и повеќе активности за промоција на развојот на мрежата на велосипедски и пешачки патеки во градот која се зголемува во просек за околу 14 километри годишно, со што велосипедската мрежа во Скопје годинава надмина 110 километри.

Оваа година, тема на Европската недела на мобилност е „Безбедно и здраво со одржлива мобилност“, а во нејзиното одбележување се вклучија над 2.700 градови од над 50 држави од Европа и од светот. 

Годинешната кампања организирана под мотото „Движи се одржливо, остани здрав“ има за цел да оддаде почит на справувањето со пандемијата со ковид-19 и да фрли едно поинакво светло на можностите кои произлегоа од оваа досега невидена здравствена криза. Градовите низ светот воспоставија креативни одговори на пандемијата заради што оваа година, Европската недела на мобилноста ја слави издржливоста на градовите и нивните достигнувања во обид да ја пребродат кризата што е можно побезболно. 

Оваа акција е одлична ако се има предвид дека Скопје е еден од најзагадените градови во Европа, има многу густ сообраќај, а возењето велосипеди има и добра страна во однос на здравјето.

Она што е лошо е што уште утре, најголем дел од оние кои денеска се сликаа на велоспедии на работа ќе дојдат со своите автомобили.

Претходна вестДенеска и утре студено и ветровите, од петок пак се стоплува
Следна вестВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава поради тендерот за водоводната мрежа на „Варшавска“